Како што пишува Гардијан, мнозинството од овие мафијашки лидери, меѓу кои и водачи на најзначајните мафијашки семејства во Палермо, главниот град на Сицилија, никогаш не се откажале од Коза Ностра и секогаш одбивале да соработуваат со правосудните власти, пишува „Гардијан“.
Опасност за борбата против мафијата
Салваторе Борселино, братот на легендарниот судија за борба против мафијата Паоло Борселино, кој беше убиен од Коза Ностра во 1992 година, го опишува ослободувањето на овие мафијаши како „фатален удар за борбата против мафијата“.
„Ослободувањето на мафијаши кои никогаш не соработувале со правдата е исклучително опасно“, изјави тој.
Нино Морана Агостино, внук на полицаецот Нино Агостино, кој беше убиен заедно со својата трудна сопруга Ида во 1989 година, смета дека ваквите одлуки испраќаат погрешна порака. „Не смееме да ја потцениме заканата од мафијата. Овие мафијаши сè уште кријат големи тајни за нерешени убиства“, вели тој.
Лидерите се враќаат
Во октомври, Рафеле Галатоло (74), мафијашки лидер од Палермо, беше ослободен поради добро однесување. Галатоло беше еден од водачите на т.н. „комора на смртта“, место каде што жртвите беа задавени по наредба на поранешниот водач на мафијата, Тото Рина.
Седум дена претходно, Гиузепе Корона, кој беше задржан во максимално обезбеден затвор, беше ослободен поради истекување на максималниот период на притвор пред судење.
Ризик од реорганизација на Коза Ностра
Главниот обвинител на Палермо, Маурицио де Лучија, предупредува дека ослободувањето на мафијашите може да доведе до реорганизација на т.н. „Купола“ – управното тело на Коза Ностра.
„Ова е совршена бура“, вели Федерико Варезе, професор по криминологија на Оксфорд. „Новите законски измени овозможуваат мафијашките водачи да добиваат поволности поради добро однесување, без консултации со обвинителите за проценка на ризикот што го претставуваат.“
Членството во мафијата е доживотно
Членството во Коза Ностра е доживотно и се заснова на строго утврдени ритуали. „Излезот од мафијата е можен само преку смрт или исклучување“, објаснува Варезе.
Со враќањето на водачите во Палермо и Трапани, се зголемува ризикот тие да продолжат со криминалните активности, што претставува закана за заедницата и за правосудниот систем.