„Во ист ритам“ – кампања на ХЕРА за подигање на јавната свест за родовата еднаквост

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА започнува кампања „Во ист ритам“ насочена кон младите луѓе во земјава. Кампањата се фокусира кон младите на кои им е потреба значителна поддршка, со солидарност, грижа за нивната добросостојба и поттик за поголемо учество во општествените процеси.

Особен фокус на оваа кампања се младите и поттикнување на младинско учество во активизмот во сите демократски процеси кои се од нивен интерес. Кампањата треба да придонесе кон широка поддршка на јавноста на концептот на човекови права, родовата еднаквост, вклученост на сите категории граѓани, солидарност и поддршка на потенцијалот кој го имаат младите во земјата. Кампањата цели да придонесе и кон информираност на јавноста и широка поддршка на започнатите системски позитивни реформи и иницирање на нови младински политики.

На промоцијата на кампањата говорници беа амбасадорката на Холандија во Северна Македонија Узлем Џанел, програмската директорка на ХЕРА Елизабета Божиноска, Виктор Бучковски од ХЕРА Млади, и програмската раководителка во ХЕРА Драгана Каровска Чемерска.

Младите се во фокусот на работата на ХЕРА како организација која со години работи на програми и сервиси наменети за младите луѓе со цел да им се овозможи широк спектар на услуги и поддршка за здравствена грижа, родово сензитивно образование, сеопфатно сексуално образование, грижа за менталното здравје и генерално добросостојбата на младите.

Во таа насока, во рамки на ХЕРА функционира и „ХЕРА Млади“ што произлезе од потребата на младите да бидат слушнати и да ги преземат работите во свои раце секојпат кога приоритетните прашања за младите не се истовремено приоритетни прашања и за институциите. Денес неформалната младинска група на ХЕРА брои над 90 млади на возраст од 16 до 25 години кои посветено ја подигаат свеста и ги едуцираат своите врсници за сексуалното и репродуктивното здравје и права преку врсничките едукации за сеопфатното сексуално образование.

Како што велат од ХЕРА, кога младите имаат еднакви услови за учење, изразување и личен раст, тие можат да ги ослободат своите потенцијали и да придонесат кон градење на посилно и поинклузивно општество. 

 „Нивниот глас треба да биде слушнат, нивните идеи треба да бидат прифатени и нивните права треба да бидат заштитени. Неопходно е сите млади луѓе да имаат можност да се развиваат во ист ритам, бидејќи на тој начин се создава силна основа за иднината на нашата заедница“  потенцираат од ХЕРА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни