Голем број градови и општини во Србија оваа година решија да ги откажат новогодишните прослави на јавните плоштади како знак на почит кон жртвите од трагичниот настан во Нови Сад, кој се случи на 1 ноември. Тогаш, по уривање на покрив на железничката станица, животот го загубија 15 лица, а две беа тешко повредени, пишува Н1.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, изјави дека одлуката за откажување на дочекот на Новата година и Стара Нова година е донесена од пиетет кон жртвите и солидарност со нивните семејства.
– Трагедијата длабоко го потресе Нови Сад и целата Србија. Во вакви моменти, неопходно е да бидеме со оние кои се погодени од несреќата. Одлуката ја донесовме со почит кон жртвите, сочувствувајќи со нивните семејства, изјави Ѓуриќ.
Одлуката на Нови Сад ја следеа и други градови во Србија. Суботица ги откажа планираните прослави, а градските власти најавија дека средствата за прославата ќе се пренаменат за финансиска поддршка на талентирани млади луѓе од градот.
Сомбор, исто така, се откажа од традиционалниот дочек, а предвидените средства се насочени кон помош за семејства со деца кои страдаат од ретки болести. Слична одлука донесе и Зрењанин, каде средствата се пренаменети за иницијативи поврзани со спорт и локален развој.
Во Кикинда и Темерин, новогодишните концерти се откажани, а средствата ќе бидат искористени за социјални програми, енергетски субвенции и помош за ранливите категории граѓани.
Сепак, не сите градови ги откажаа прославите. Белград, на пример, ќе организира голем концерт на Плоштадот на Републиката, со настапи на Харис Џиновиќ, Жељко Васиќ и Марина Висковиќ. Дополнително, ќе има и втор дочек во делот познат како „Белград на вода“, каде што ќе настапат Марија Шерифовиќ, Јелена Томашевиќ и Тијана Богиќевиќ.
Во Ниш, планиран е концерт на Трг Крал Милан со настапи на Никола Роквиќ и групата „Неверне бебе“. Но, општината Медијана, единствената опозициска општина во Србија, го откажа дочекот на Стара Нова година како знак на почит кон жртвите.
Во други градови, како Чачак и Крагуевац, продолжуваат подготовките за концерти. Во Чачак ќе настапуваат Тијана Дапчевиќ и Амадеус бенд, додека кога е во прашање Крагуевац, групата „Ван Гог“ демантираше дека ќе настапува, а настапот на Јелена Карлеуша останува дел од програмата.