Во Германија започна судењето за нападот на божиќниот пазар во Магдебург во кој загинаа шест лица

Во Германија денеска започна судењето против Талеб А., државјанин на Саудиска Арабија, обвинет за смртоносниот напад со возило врз божиќниот пазар во градот Магдебург во декември минатата година, во кој загинаа шест лица, а повеќе од 300 беа повредени.

Обвинетиот, кој по професија е лекар, се товари дека на 20 декември 2024 година со изнајмено возило марка BMW возел низ преполниот пазар со брзина од околу 48 километри на час, удирајќи во луѓе и предизвикувајќи паника. Нападот траел една минута и четири секунди, при што, според обвинителството, осомничениот имал намера „да убие неопределен број луѓе“.

Талеб А. е обвинет за убиство на шест лица – меѓу нив деветгодишно дете и пет жени на возраст меѓу 45 и 75 години – како и за обид за убиство на 338 лица и тешки телесни повреди на уште 309 лица.

Доколку биде прогласен за виновен, го очекува доживотна затворска казна.

Обвинителството наведе дека Талеб А. дејствувал без соучесници, трезен и без употреба на алкохол или дрога. Според доказите, тој го подготвувал нападот неколку недели и делувал од незадоволство и фрустрација поради неуспешен граѓански спор и неколку одбиени кривични пријави.

Тој пред судот признал дека тој го возел автомобилот.

По нападот, германските власти го опишаа како „нетипичен напаѓач“. Иако е саудиски бегалец, Талеб А. во јавноста бил познат по критички ставови кон исламот и јавна поддршка за крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), која, според неговите објави на социјалните мрежи, „се бори против истиот непријател за да ја заштити Германија“.

Судењето се одвива во привремено поставен судски објект во Магдебург, поради големиот број жртви и присутни сведоци.
Талеб А. се наоѓа во притвор од денот на нападот, а процесот се очекува да трае повеќе месеци.

Германските власти истакнаа дека нападот во Магдебург е еден од најтешките инциденти на возило-раминг напади во земјата во последните години, иако не бил поврзан со радикален исламистички екстремизам, туку со лични мотиви и психолошки фактори.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни