Конзервативците од блокот CDU/CSU, кои освоија најмногу гласови на парламентарните избори во неделата во Германија, ќе започнат разговори со социјалдемократите (SPD) за формирање можна коалиција, изјавија извори од двата табора за Франс прес.
Лидерот на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, кој треба да стане нов канцелар, изјави претходно дека сака да формира влада до Велигден, 20 април, но социјалдемократите истакнаа дека имаат некои несогласувања за формирање на нивната пета „голема коалиција“.
Денес се очекува по девет претставници од секоја страна да учествуваат на првиот состанок, чии детали нема да бидат објавени бидејќи е постигнат договор за доверливост, рекоа изворите.
Овие разговори се првиот чекор пред преговорите за коалиција, а тие преговори би можеле да траат со месеци.
Меѓутоа, Германија, која се соочува со големи пресврти, не смее да губи време бидејќи нејзиниот економски модел веќе не функционира, постои ризик од трговски војни со САД, а се промени и ставот на САД како историјски сојузник кој се приближува до Русија.
„Светот не чека, работите се уште побрзо се менуваат“, изјави во понеделник Мерц, решен „со социјалдемократите да води конструктивни, добри и брзи разговори“.
Мерц спомена три точки како приоритет во разговорите: надворешна и безбедносна политика, „неразрешеното прашање за миграцијата“ и економската ситуација.
Конзервативниот блок освои 28,6 проценти од гласовите на изборите, а Мерц веднаш изјави дека не сака коалиција со екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) која е втора со 20,8 проценти од гласовите. Социјалдемократите се трети со околу 16 проценти од освоените гласови, што е голем пораз за таа партија на досегашниот канцелар Олаф Шолц.