Во Франција погубена последната личност со гилотина

Гилотината, страшниот инструмент за егзекуција, долго време беше симбол на револуционерна правда и државна суровост.

Воведена за време на Француската револуција, таа „револуционизираше“ начин на извршување на смртната казна – ветувајќи брза и релативно безболна смрт. Гилотината брзо стана симбол на теророт, особено во периодот 1793-1794, кога илјадници луѓе, вклучувајќи го и кралот Луј XVI и кралицата Марија Антоанета, ги загубија главите под нејзиниот остар нож.

Гилотина како хуман начин на егзекуција
Француската револуција ја воведе гилотината како алтернатива на тогашните методи за погубување, како обесување, палење кои беа болни, бавни и непредвидливи. Идејата за похумано и еднакво извршување на казната ја застапуваше д-р Жозеф-Игнас Гилотин, по кого инструментот го доби името.

За време на револуцијата биле погубени околу 17.000 лица, а инструментот останал во официјална употреба и во 19. и 20. век, додека многу други земји веќе ги напуштиле ваквите методи. Гилотината не била само орудие – станала симбол на моќта на државата и постојана тема за морални дискусии.

Последната жртва на гилотината
Последната егзекуција со гилотина се случила на 10 септември 1977 година во Марсеј. Бил погубен Хамида Џандуби, туниски државјанин осуден за убиство на млада жена. Тој е последната личност егзекутирана со гилотина во Франција, но и во цела Западна Европа. Егзекуцијата се извршила во затвор, строго тајно, пред мал број официјални сведоци.

Гилотина и „Ѕвездени војни“
За да се сфати колку е ова блиска историја, вреди споредбата: кога Џандуби бил погубен во 1977 година, филмот „Ѕвездени војни: Епизода IV – Нова надеж“ веќе бил во кината, со премиера на 25 мај истата година. Значи, додека светот влегувал во ера на вселенски опери и футуристички ефекти, во Франција сè уште функционирала гилотина – потсетник дека бруталните традиции често се преплетуваат со модерниот напредок.

Само четири години подоцна, во 1981 година, Франција ја укина смртната казна, со што гилотината ја испрати во историјата. Денес примероци се чуваат во музеи како историски артефакти.

Наследството на гилотината не е само во стравот што го предизвикувала, туку и во дискусиите за етиката на казнувањето и човековите права. Таа стана симбол на промена – од алат за терор до музејска реликвија, потсетник дека општеството бавно, но сигурно се движи кон похумани стандарди.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни