Францускиот град Ландерно го собори светскиот рекорд во собирање на штурмфови, по два неуспешни обиди во изминатите пет години.
Според зборовите на организаторите, во саботата се собрале 3.076 луѓе облечени во костими на штурмфови, Штурмфета или Големиот штурмф.
Песничката „Ла, ла, ла, ла, ла“ во чест на познатите сини виленици со бели капи, создадени од белгискиот стрип-уметник Пејо, одекнувала цел ден низ продавниците и улиците на бретонскиот град со околу 16.000 жители, каде што се собрале нашминкани и маскирани мажи и жени.
„На луѓето ова им носи радост и забава бидејќи навлегуваат во имагинарен свет на неколку часа“, изјави еден од организаторите на настанот.
Досега, малиот германски град Лауринген, на границата со Швајцарија, го држеше светскиот рекорд за најголемо собирање на штурмфови, со 2.762 учесници, собрани на 16 февруари 2019 година.
Ландерно на 7 март 2020 година го собори овој рекорд со 3.549 штурмфови. Сепак, Гинисовата книга на рекорди не го потврди подвигот поради недостасување на документ за веродостојност, според зборовите на организаторите.
Настанот потоа бил повторен во март 2023 година, но обидот повторно пропаднал, овој пат поради лошото време, поради кое 231 штурмф не се појавил на собирањето.
Една студентка од друг град, која пуштала музика на собирот, изјавила дека дошла да му помогне на градот, па и самата се појавила во костим на штурмф.
На собирот присуствувал и градоначалникот на Ландерно, Патрик Леклер, исто така во костим на веселите стрип-јунаци. А меѓу присутните била и Симон Проно, 82-годишна штурмфета.