Во Финска повеќе од 10.000 луѓе потпишаа петиција во која бараат од јавната телевизија Yle да изврши притисок врз организаторите на натпреварот за Песната на Евровизија да го исклучат Израел од овогодинешното издание, поради војната во Газа.
Телевизијата денес добила две петиции во кои се бара да се изврши притисок врз Европската радиодифузна унија (EBU), која го организира натпреварот, да го спречи учеството на Израел, соопшти групата која ги организирала петициите.
Една петиција е потпишана од повеќе од 500 професионалци од музичката и културната индустрија, а друга од повеќе од 10.000 луѓе.
Помалку од два месеца пред големиот натпревар за Песната на Евровизија, кој годинава ќе се одржи во Базел, Швајцарија, потписниците на петицијата исто така побараа од финската јавна телевизија да го повлече финскиот учесник во случај Израел да учествува.
„Противречи на нашите вредности да земја која извршила геноцид и која спроведува окупациска политика добие златна прилика да го подобри својот имиџ под покровителство на музиката“, се вели во петицијата.
За Израел ќе пее Јувал Рафаел, преживеан од нападот на палестинскиот Хамас на 7 октомври.
Минатата година илјадници луѓе демонстрираа во шведскиот град Малме против учеството на Израел на натпреварот.