Во четвртиот квартал од минатата година, цените на недвижностите во Европската Унија (ЕУ) пораснале за 4,9 проценти, додека наемнините пораснале за 3,2 проценти во споредба со четвртиот квартал од 2023 година, соопшти Евростат.
Во споредба со третиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите пораснале за 0,8 проценти, а наемнините за 0,6 проценти.
Меѓу 2010 и четвртиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ пораснале за 55,4 проценти, додека наемнините се зголемиле за 26,7 проценти.
Движење на цените на недвижности и наемнини во ЕУ (Извор: Eurostat)
Додека цените на наемнините постојано растеле, цените на недвижностите варирале, со огромен раст меѓу првиот квартал од 2015 и третиот квартал од 2022 година, по што следел благ пад и стабилизација, за повторно да пораснат во 2024 година.
Во кои земји цените најмногу пораснале?
Што се однесува до националните податоци, при споредба на четвртиот квартал од 2024 со 2010 година, цените на недвижностите пораснале повеќе од наемнините во 21 од 27 земји членки на ЕУ за кои има достапни податоци.
Во истиот период, цените на недвижностите се зголемиле повеќе од три пати во Унгарија (+234%) и Естонија (+228%), додека се повеќе од удвоиле во Литванија (+187%), Латвија (+153%), Чешка (+142%), Португалија (+120%), Бугарија (+115%), Австрија (+112%) и Луксембург (+105%).
Движење на цените на недвижности и наемнини во поединечни земји од ЕУ (Извор: Eurostat)
На Кипар, цените на недвижностите останале на исто ниво како во 2010 година. Италија е единствената земја каде што цените на недвижностите се намалиле во овој период (–4%).
Во истиот период, наемнините пораснале во 26 земји од ЕУ, а најголеми порастови се забележани во Естонија (+212%), Литванија (+175%) и Унгарија (+114%).
Грција е единствената земја каде што цените на наемнините се намалиле (–13%).