Затвореници кои припаѓаат на ривалски банди денеска жестоко се судрија во затворот во Есмералдас, во северозападниот дел на Еквадор, каде што загинаа најмалку 17 лица.
„Во тој судир загинаа 17 затвореници“, соопшти затворската управа и додаде дека бројот на жртвите би можел да биде и поголем.
Во судири меѓу ривалски банди во затворите од 2021 досега загинале повеќе од 500 луѓе. Во понеделникот, во судири во друг затвор, во Мачала на југозапад, загинаа 13 затвореници и еден чувар.
Судирите избиле во затворот Есмералдас, близу колумбиската граница, каде што полицијата соопшти дека пронашла мртви затвореници во два одделни затворски блока.
Еквадорските затвори се под воена контрола од 2024 година, кога претседателот Даниел Нобоа прогласи дека неговата земја е во внатрешен вооружен судир со околу 20 криминални организации поврзани со меѓународни картели.
Тие затвори често се оперативни центри за организираните криминални банди кои го претворија Еквадор, некогашно прибежиште на мирот во Латинска Америка, во една од најнасилните земји.
Еквадор стана една од главните точки за трансфер на кокаин произведен во соседните Колумбија и Перу.