Во Египет потпишана декларација за мир: Израел и Хамас ја започнаа првата фаза од планот за прекин на огнот

Во египетскиот град Шарм ел Шеик денес беше потпишана декларација за мир на Блискиот Исток, иницирана од американскиот претседател Доналд Трамп.

Израел и Хамас ја започнаа првата фаза од планот за прекин на огнот, а жителите на Појасот Газа изразија надеж дека ова ќе значи крај на двегодишниот разорен конфликт.

Разурнувања и надеж во Газа

Трагите од двегодишната војна се видливи на секој чекор во градот Газа. Снимките од дрон откриваат огромни размери на уништување во моментите кога договорот за прекин на огнот стапува во сила.
„Сакаме да нѐ вратат во нашите домови, да ни дадат хуманитарна помош, да се погрижат за нас. Нашите куќи да станат повторно домови за живот. Народот е исцрпен од маки,“ изјави Аиша Мохамед бин Султан, раселена Палестинка од северна Газа.

Слична порака испрати и Закарија Дабабг, кој рече:
„Надежта ни е дека нашите лидери ќе го започнат процесот на конечно завршување на војната, на уништувањето и на опсадата што нѐ проголта. Таа нѐ уништи.“

Во градот се расчистува теренот со тешка механизација, а дел од возилата носат знамиња на Катар. Според градоначалникот на Газа, Јахја Ал-Сараџ, општината веднаш по прекинот на огнот почнала со отворање на клучните улици и патишта за да се овозможи враќање на жителите од југ кон север.

Размена на тела и хуманитарна помош

Хамас продолжи со предавање на телата на израелските заложници, додека Израел започна со враќање на телата на загинатите Палестинци. Истовремено, во Газа почна испораката на хуманитарна помош, дел од првата фаза на договорот. Меѓународниот Црвен крст наведува дека, засега, нема значителни промени во обемот на доставената помош.

Мировна декларација и меѓународна поддршка

Покрај САД, документот го потпишаа и посредниците во преговорите – Египет, Турција и Катар.
„Сите се договоривме дека Газа мора да биде поддржана за да се издигне. Не сакаме да финансираме ништо што има врска со крвопролевање, омраза или терор,“ изјави Доналд Трамп, додавајќи дека демилитаризацијата на Газа е клучна за одржлив мир.

Поддршка за процесот понуди и Велика Британија. Премиерот Кир Стармер истакна дека неговата земја има искуство со разоружување, повикувајќи се на примерот со предавањето на оружјето од страна на ИРА.
„Сега е клучно сите страни да ги исполнат своите обврски. Предавањето на оружјето од страна на Хамас е од суштинско значење за идниот мир,“ изјави Стармер.

Загриженост на аналитичарите

Иако потпишувањето на декларацијата се смета за позитивен чекор, експертите предупредуваат дека нестабилноста и понатаму е присутна.
„Постојат големи ризици од ново избивање на насилство во широки размери, освен ако САД не покажат поголема волја за долгорочно ангажирање отколку што тоа го направија во изминатите две години,“ изјави професорот Анвар Садат од Универзитетот во Мериленд.

Американскиот претседател, сепак, уверува дека преговорите за втората фаза од прекинот на огнот се веќе во тек, оставајќи простор за надеж дека регионот конечно може да зачекори кон траен мир.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни