Во Египет откриено пристаниште кое може да води до гробницата на Клеопатра

Многу археолози веруваат дека Клеопатра, последниот фараон и владарка од Птолемејската династија, била погребана во близина на кралската палата во Александрија, каде што била родена и владеела.

Археолошката истражувачка Кетлин Мартинез, која животот на Клеопатра го реконструира како криминална сцена што треба да се дешифрира, ја продолжува потрагата по гробницата на оваа мистериозна кралица. Нејзината потрага ја довела до Тапосирис Магна, заборавен храм на околу 50 километри западно од Александрија, во приморскиот град Борг ел Араб.

Како криминална адвокатка од Доминиканската Република, која се посветила на археологијата, Мартинез повеќе од две децении трага за гробницата на Клеопатра на скриени подземни локации што други ги игнорирале.

Новиот успех на нејзиниот тим, на длабочина од неколку километри од брегот на Тапосирис Магна, е откритието на потопено пристаниште во Медитеранското море. Откритието укажува дека Тапосирис Магна не било само важно религиско средиште, туку и поморски трговски центар, многу поважен отколку што се претпоставувало досега.

„Тоа го прави храмот вистински значаен“, вели Мартинез, додавајќи дека „имал сите услови да биде избран за местото каде што Клеопатра може да биде погребана заедно со Марк Антонио“, римскиот политичар кого го љубела и со кого се борела.

Во 2022 година, тимот на Мартинез, составен од египетски и доминикански археолози, открил редица артефакти и структури од времето на владеењето на Клеопатра во рушевините на Тапосирис Магна, вклучувајќи и тунел долг 1.300 метри кој водел директно кон морето. Тунелот, сместен на околу 12 метри под земјата, бил делумно поплавен со морска вода. Археолозите пронашле керамички садови и глинени предмети од времето на Птолемејците.

Во комбинација со најновото подводно откритие, Мартинез верува дека пристаништето било активно за време на владеењето на Клеопатра и во почетокот на династијата.

За да ја истражи оваа неочекувана врска помеѓу копното и морето, Мартинез побарала помош од морскиот археолог на Националната географија, Боб Балард, познат по откривањето на Титаникот и германскиот брод Бизмарк. Во поморската операција, тимот на Балард открил големи структури, создадени со човечка рака, вклучувајќи високо полирани подови.

„Ова е еден од оние моменти кога се чувствувате навистина живи“, изјавила Мартинез додека пловела по морето, во сцена снимена за документарецот Последната тајна на Клеопатра, кој премиерно ќе биде емитиран на 25 септември на National Geography.

Извонредниот живот и мистериозната смрт на Клеопатра

Клеопатра VII, родена 69. година п.н.е., станала владарка на 18 години и била последната владарка на Птолемејската династија, најдолговечната династија во историјата на Стар Египет. Римјаните ја опишувале како опасна и егзотична заводничка која ги одвлекувала римските политичари од нивните должности. Така, западните историчари и уметници продолжиле да ја негуваат таа слика.

После убиството на Цезар, Клеопатра влегла во страстна и политички значајна врска со Марк Антониј, генерал на Цезар и можен наследник. Нивната врска завршила трагично на море, кога 31. п.н.е. во битката кај Акциум, Клеопатра ја командувала својата флотила. По поразот, Антониј се самоубил, а Клеопатра го следела, наводно со отров од змија.

Потрагата за гробницата на Клеопатра

Грчкиот историчар Плутарх бележи дека Клеопатра и Марк Антониј биле погребани заедно во нејзината гробница во Александрија, но досега не е пронајден никаков доказ. Во 365. година н.е. силен земјотрес и цунами го погодиле градот, а денес голем дел од историскиот кралски дел на Александрија е потопен под шест метри вода.

Мартинез верува дека Клеопатра избрала да ја сокрие својата гробница далеку од дофат на Римјаните. „Таа морала да избере место каде што ќе се чувствува безбедно за својот загробен живот со Марк Антониј“, вели таа.

Нова откритија на Тапосирис Магна

Мартинез и нејзиниот тим започнале ископувања на Тапосирис Магна во 2005. година. Меѓу откритите предмети биле и камени плочи со натписи на грчки и хијероглифи, укажувајќи на посветеност на божицата Изида, со која Клеопатра била силно поврзана. Тимот открил и стотици човечки останки, вклучувајќи мумифицирани тела, и повеќе од 300 монети, некои со ликот на Клеопатра.

„До сега сме откриле повеќе од 2.600 предмети на место за кое сите веруваа дека нема што да се најде. Променивме историја, иако сè уште не ја пронајдовме гробницата на Клеопатра“, вели Мартинез.

Подводно откритие и нови ископувања

Мартинез верува дека пристаништето, откриено под морето, било клучно за транспортот на нејзината гробница преку тунел. Подводната потрага резултирала со откривање на камени структури и амфори, кои може да ја потврдат врската на пристаништето со Клеопатра.

„Ја прочитавме картата и планираме нови ископувања до крајот на септември. Очекувам дека се приближуваме до целта“, додава Мартинез. За неа, тоа е само прашање на време пред да го открие вечното почивалиште на Клеопатра.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни