Во Египет откриена 3600 години стара гробница на фараон

Во близина на египетскиот град Абид, археолозите открија голема варовничка гробна комора на непознат староегипетски фараон, датирана пред околу 3600 години. Ова откритие припаѓа на периодот познат како Второ меѓураздобје, време на големи политички превирања во историјата на Египет.
Фото: Пенн музеј

Истражувачите од Универзитетот во Пенсилванија, заедно со египетски археолози, соопштија дека гробницата е пронајдена на длабочина од седум метри во античката некропола на планината Анубис. Ова е второ значајно откритие на фараонска гробница во Абид од почетокот на годината.

Гробната комора била испразнета од ограбувачи, но влезот е украсен со хиероглифски натписи и сцени што ги прикажуваат божиците Изида и Нефтида. Според египтологот Јозеф Вегнер, кој го води истражувањето, натписите го содржеле името на фараонот, но тоа не преживеало. Можно е да станува збор за некој од владетелите Сенаииб или Паентјени, чии гробници досега не биле пронајдени.


Гробницата е изградена во поголем комплекс на некогашниот моќен фараон Неферхотеп I. Нејзината архитектура открива врски со погребните обичаи од Средното кралство и доцниот период на Второто меѓураздобје.

Овој период во историјата на Египет е од исклучително значење, бидејќи тогаш државата била поделена на неколку ривалски кралства, вклучувајќи ја династијата Абид и хиксосите од делтата на Нил. Вегнер нагласува дека ова е време на важни социјални, политички и технолошки промени кои довеле до создавање на Новото кралство, ера во која египетските фараони биле меѓу најмоќните владетели во регионот.

Истражувањата продолжуваат со надеж дека оваа гробница ќе открие нови детали за ова мистериозно и динамично историско поглавје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни