Во Чернобил откриена мистериозна габа што „се храни“ со зрачење

На местото на најтешката нуклеарна несреќа во историјата – разрушениот реактор во Чернобил – научниците открија црна габа која не само што преживува во екстремно радиоактивна средина, туку изгледа дека расте благодарение на зрачењето.

На местото на најтешката нуклеарна несреќа во историјата – разрушениот реактор во Чернобил – научниците открија црна габа која не само што преживува во екстремно радиоактивна средина, туку изгледа дека расте благодарение на зрачењето. Откритието отвора прашање дали ваквите организми би можеле еден ден да ги штитат астронаутите од опасното космичко зрачење, пишува BBC Future.

Во мај 1997 година, микробиологот Нели Жданова влегла во напуштените ходници на експлодираниот чернобилски реактор – место кое се сметаше непријателско за живот. На покривите, ѕидовите и дури во металните обвивки за кабли, таа застнала пред необичен призор: агресивно распространета црна габа. Подоцнежните истражувања покажале дека габата не само што живее во близина на радиоактивни честички – туку расте кон нив, феномен што Жданова го нарекла „радиотропизам“.

Габите во Чернобил се темни затоа што се полни со меланин, истиот пигмент што ја штити човечката кожа од УВ-зраци. Меланинот има способност да ја апсорбира и дисперзира енергијата од зрачењето, а делува и како антиоксиданс. Жданова претпоставила дека токму тој ја штити габата од јонизирачкото зрачење, кое нормално уништува ДНК и протеини.

Меланинот не ја одбива радијацијата – напротив, ја впива. Со тоа габата можеби ја користи како извор на енергија.

Во 2007 година, нуклеарната научничка Екатерина Дадачова ја потврдила оваа претпоставка. Таа открила дека меланизирани габи растат побрзо кога се изложени на радиоактивен цезиум, што упатува дека ја користат енергијата на зрачењето за да ги забрзаат метаболните процеси – процес што го нарекла „радиосинтеза“. Иако механизмот не е целосно објаснет, идејата е револуционерна.

Истражувањата продолжуваат – па дури и во вселената

Не сите габи реагираат исто. Само некои од оние собрани од зоната на Чернобил покажале радиотропизам. Но во 2018 година, на Меѓународната вселенска станица, габа од видот Cladosporium sphaerospermum – истиот што Жданова го пронашла во реакторот – повторно покажала побрз раст во услови на интензивно космичко зрачење.

Биохемичарот Нилс Авереш откри дека габата на ISS растела 22% побрзо од контролните примероци на Земјата, иако предупредува дека дел од ефектот може да се должи на микрогравитацијата. Сепак, експериментите покажале нешто уште поважно: тенок слој габа е способен да блокира дел од космичкото зрачење.

Габи како идни штитови на Месечината и Марс?

Овие резултати го привлекле вниманието на NASA, која бара нови начини да ги заштити астронаутите од смртоносната радијација надвор од Земјината атмосфера. Материјали како вода или пластика можат да обезбедат заштита, но се премногу тешки и прескапи за транспорт во вселената.

Затоа астро-биологот Лин Џ. Ротшилд истражува можност за „мико-архитектура“ – ѕидови, објекти и заштитни конструкции од габи што би можеле да се одгледуваат на Месечината или Марс, наместо да се транспортираат од Земјата. Таквите структури би биле лесни, саморегенерирачки и способни да апсорбираат дел од радијацијата.

Како што црните габи ја колонизираа напуштената зона на Чернобил, така би можеле еден ден да помогнат во создавање безбедни бази на нови светови – обезбедувајќи го првиот биолошки радијациски штит во историјата.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни