Денеска, во 17 часот, во кафе – книжарницата „Буква“ во центарот на Скопје ќе биде отворена еднодневна изложба со уметнички инсталации на македонските уметници Ивана Мирчевска и Дарко Алексовски. Изложбата е дел од проектот „Сегашно минато“/Present Past, кој се реализира под менторство на познатиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
Настанот е дел од регионален проект на Гете-институтите од Југоисточна Европа. Се состои од три „модули“ и конечно обединување, а проектот „Сегашно минато“ како еден од модулите е координиран од Гете-институтот во Хрватска, во соработка со Гете-институтите од Белград, Сараево и Скопје.
Уметничката инсталација „Daydream Concrete Utopia“ на Алексовски е интервенција во јавен простор, измислен наратив со низа измислени знамиња како јавни знаци за непозна утопија. Уметникот ја истражува врската помеѓу јавните простори и симболи, а знамињата како означувачи на замислено место се субверзивен обид да се преиспита како се паметат местата и дали се забораваат, како се замислуваат или остануваат нешто непознато, нешто кон кое можеме само да се стремиме.Интерактивната јавна скулптура „Gossips on the futurе“ на Мирчевска, се состои од цилиндричен објект (зоотроп) во кој се поставени слики. Брзото вртење на сликите создава илузија на континуирано движење на пејзажот. Авторката прави обид да креира собирен простор за локалната заедница и со тоа стимулира нови форми на социјална кореографија.
“Проектот, „Сегашно минато“ се занимава со културните и политички односи во дел од поранешните југословенски држави: Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија и Србија. Замислен е како низа уметнички реакции на тема сегашност/минато, кои се инспирираат и надополнуваат, создавајќи верижна реакција.Во секоја земја работилниците се организираат под менторство на докажани автори. Па така, уметничките инсталации на Мирчевска и Алексовски, кои денеска ќе можат да се погледнат во „Буква“ се под менторство на Јовановиќ, во Босна и Херцеговина се реализира работилница за фотографија со фотографот Зијах Гафиќ, во Хрватска работилница за раскази со писателот Зоран Жмириќ и во Србија работилница за стрип со Саша Ракезиќ – Зограф“, велат од Гете -институтот во Скопје.Во фокус на проектот е транзицијата низ просторот на поранешна Југославија и нејзиниот одраз во културата, како и со широкиот и често стереотипизиран концепт на Балканот. Земјите од Југославија имаат долга заедничка историја, а процесите на транзиција различно се манифестираат од деведестите години до денес. Со растојание од триесет години, сè уште чувствувајќи ги последиците од тие големи промени, се отвора дијалог да се истражи блиската врска помеѓу минатото и сегашноста. „Сегашно минато“ го истражува нашето разбирање за минатото и поврзаноста меѓу земјите од поранешна Југославија преку уметнички работилници и меѓусебна соработката. Целта на работилниците е да се размислува за транзицијата, која се случи во секоја од земјите, во секој аспект од неа: социјален, економски, интелектуален и емоционален. Идејата е финалните дела создадени на работилниците да ги инспирираат учесниците за идни заеднички проекти.