Велика Британија ја забележа најтоплата пролет досега и најсушната во последните пет децении, покажаа податоците објавени во понеделникот, објави Анадолу
Податоците од Националната метеоролошка служба на Велика Британија, покажаа дека просечната температура оваа пролет била измерена на 9,5 Целзиусови степени што е за 1,4 Целзиусови степени над долгорочниот климатолошки просек што ја прави најтопла пролет откако започнало водењето евиденција во 1884 година.
Земјата, годинава исто така, ја доживеа најсушната пролет во последните пет децении.
Со само 128,2 милиметри (5 инчи) врнежи од дожд, оваа пролет е 40% под долгорочниот просек, според Метеоролошката служба.
Водите низ земјата, исто така, доживеаја топлотен бран, при што температурите на површината на морето достигнаа рекордни максимуми во последните два месеци од пролетта – април и мај – соопшти агенцијата.
Оттаму предупредуваат дека во некои области температурата е за 4 степени Целзиусови потопла од вообичаеното, создавајќи невидени услови во крајбрежните води на земјата.
Научникот од Метеоролошката служба, Емили Карлајл, изјави дека климата во Велика Британија продолжува да се менува, додавајќи дека она што е особено значајно за пролетта 2025 година е комбинацијата од рекордна топлина и сончево време, заедно со многу ниски врнежи од дожд.
„Оваа пролет покажува некои од промените што ги гледаме во нашите временски обрасци, со поекстремни услови, вклучувајќи продолжено суво, сончево време, кои стануваат сè почести“, забележа таа.
„Податоците јасно покажуваат дека последните децении биле потопли, посончеви и честопати посуви од просекот од 20 век, иако природните варијации ќе продолжат да играат улога во климата во Велика Британија“, додаде Карлајл.