Во Битолскиот театар промовирана монографијата „80 години Народен театар Битола“

Во Битолскиот театар беше промовирана монографијата „80 години Народен театар Битола“ од проф. д-р Иван Додовски. Настанот започна со минута молк во знак на почит кон жртвите во големата трагедија која се случи во Кочани, а потоа присутните ги поздрави директорот на НТБ, Васко Мавровски. За монографијата зборуваа промоторите: проф. д-р Мишел Павловски и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на Македонското научно друштво Битола. Настанот го модерираше актерот Марјан Ѓорѓиевски.

Монографијата е богато илустрирано издание што ја бележи историјата на растежот на институционалниот театар на македонски јазик во Битола во периодот од 1944 до 2024 година. Напишана на 310 страници, книгата содржи и прилози за претстави, гостувања, награди, ангажирани режисери, актери, сценографи, костимографи и за сите други творци што оставиле печат во осумдецениското траење на овој театар. Оваа публикација е значајно сведоштво за еден растеж и за достигнување на врвни уметнички вредности што станале неизоставен дел од македонската културна меморија. Од првата претстава „Ѓоре Магаревски“ одиграна на 14 ноември 1944 година, до новата верзија на оваа едночинка во 2024 година, Народниот театар во Битола остварил извонреден подем, издигнувајќи се од мала локална институција во признат ансамбл што со успех гостувал во регионот и во Европа, како и во САД, Австалија и Кина.


Како што забележува авторот на монографијата Иван Додовски, во осумте децении постоење, во Битолскиот театар биле поставени вкупно 569 премиери, со вкупно 11.670 изведби, кои ги виделе околу 3,2 милиони гледачи. Сумарно погледнато, околу дваесет проценти од репертоарот биле дела од најзначајните домашни автори. Исто така, на битолската сцена досега работеле 135 режисери од кои 77 се македонски режисери, а гостувале 58 режисери од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Романија, САД и од други земји. Деценијата од 1985 до 1994 година може да се нарече златен период на Народниот театар во Битола. Апсолутен рекорд е поставен во 1992 година кога биле прикажани 226 изведби за 84.645 гледачи!

Рецензенти на ова монографско издание се проф. д-р Сузана Киранџиска и проф. д-р Мишел Павловски, уредници се Билјана Крајчевска и Оливера Павловиќ, лектор Жаклина Атанасова, а во прибирањето на податоците и во подготовката како стручен тим од Народиот театар во Битола учествуваа: Стеванка Вељановска, Билјана Вржовска, Сашо Илковски, Марија Козарова, Билјана Крајчевска, Александар Митровски, Филип Ошавков, Оливера Павловиќ и Владимир Переловски. Дизајнот на монографијата е на Сергеј Светозарев, а ја отпечати Графопром – Битола. Публикацијата содржи богата збирка фотографии од архивот на НТБ.

Иван Додовски е редовен професор по критичка теорија, компаративна литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје. Автор е на четири поетски книги, збирка раскази и на повеќе студии од областа на книжевноста и театарот. За својата истражувачка работа ги добил наградите „Хејман“ и „Гертрут Кропер“ од Универзитетот во Нотингем, Англија. За книгата Мало фолио за театар (2018) ја добил наградата „4 Ноември“, а за книгата Долгата транзиција на Македонија (2023), приредена заедно со британскиот историчар Роберт Хадсон, а објавена од лондонскиот издавач „Палгрејв Макмилан“, бил одликуван со државната награда за наука „Гоце Делчев“. Како гостин-предавач држел предавања на универзитетите во Мелбурн, Дарби, Глазгов, Нитра, Јена и Будимпешта. Иван Додовски е претседател на Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“ со седиште во Париз.

Историјата на Народниот театар во Битола е сведоштво за еден растеж и за достигнување на врвни уметнички вредности што станале неизоставен дел од македонската културна меморија. Издавањето на монографијата е помогнато од Министерството за култура на Република Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни