Со доделување посебни фестивалски награди и признанија, и со проекција на македонскиот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска и кинематограферката Виржини Сен Мартан, вечер во Битола почнува ИФФК „Браќа Манаки“.
Новото 46-то издание на фестивалот на кинематограферите од светот и годинава нуди конкурентни филмови за наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“, богата документарна и студентска програма, а се враќа и програмата Макпоинт фокусирана на македонски филмови.

Според востановената традиција, на отворена сцена, во Битола ќе бидат врачени Златна камера 300 за животно дело која годинава му припадна на Дариус Конџи, кинематографер роден во Иран со богата кариера која ја остварува во САД соработувајќи со режисери од различен калибар. Награда Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност ќе им биде врачена на Семих Капланоглу, еден од највлијателните режисери во турската кинематографија и на Воли Фистер, американски оскаровец, а на свеченото затворање на фестивалот на Кирил Џајковски ќе му биде доделена „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ завршува на 26 септември со проекција на филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски и кинематограферот Наум Доксевски.