Според ликовниот критичар Владо Ѓорески, секое дело е фрагмент од патот на самооткривање и раст, и преку нивното внимателно поставување во оваа изложба, се рефлектира сложеноста и убавината на обичните моменти кои подсвесно го обликуваат животот. Животот, како уметност сам по себе, е составен од различни „парчиња“ кои заедно формираат уникатно и значајно искуство. Оваа изложба е посвета на тие „парчиња од животот“, гледани како уметност, вели Ѓорески.
-Бојана Артиновска создава сликарство кое се движи, пулсира, вибрира, се развива, се мултиплицира…низ специфична, оригинална и директна ликовна постапка. Таа е ослободена од сите наметнати канони, од сите оценки и анализи за тоа што е добро што не е, таа создава искрено, директно, непрекината, движејќи се исклучиво по својот внатрешен глас. Тоа најмногу ја доближува до елементарното исконско и единствено вистинско создавање а тоа е сликање, цртање, кроки бележење во вид на секојдневен сликарски дневник без разлика како и кон што е насочен, без разлика зошто, кому, колку… Тоа е говор без интерпункција, без „рационална“ пресметлива пауза за разубавување или рационално додавање и стилско препознавање, најави Ѓорески во пресрет на вечерашното отворање на изложбата закажано во битолскиот Центар за култура.