Во просториите на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Белград вчера започна литературната манифестација „Денови на македонската литература за деца 2025“, која ќе трае до сабота. Настанот, организиран од издавачката куќа „Едука Мак“, има за цел да ја промовира современата македонска литература за најмладите и да ја зајакне културната соработка меѓу Македонија и Србија.
Свеченото отворање се одржа во 18 часот, со обраќања на директорот на КИЦ Белград, проф. д-р Васко Шутаров, и програмскиот уредник на проектот, м-р Ели Маказлиева. Во рамки на програмата беше истакната важноста на литературата за деца како „предизвик и императив“ во современото воспитување и образование.
На манифестацијата беа претставени неколку македонски автори за деца, како и нивните нови изданија. Особено внимание привлече промоцијата на наградената книга „Пчеличката Баз“ на Билјана Лотеска, добитничка на признанието „Литературни пишувалки – патувалки 2025“. Плакета ѝ беше врачена од проф. д-р Елизабета Бандиловска, претседателка на жирито.
Во знак на благодарност, „Едука Мак“ донираше 100 детски книги на македонскиот КИЦ во Белград.
Богата тридневна програма
Во следните денови, програмата ќе продолжи со низа активности – посета на белградската градинка „Царица Милица“, промоции на книги за предучилишна возраст, работилници и средби со српски автори и издавачи. Кулминацијата е закажана за сабота на Меѓународниот саем на книгата во Белград, каде ќе се одржат средби и договори за размена и превод на детски изданија.
Во рамки на манифестацијата ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу „Едука Мак“ и српската издавачка куќа „Пчелица“, со цел размена на лиценци и преводи на книги за деца на македонски и српски јазик.
Проектот „Денови на македонската литература за деца 2025“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а претставува уште еден чекор кон афирмација на домашното творештво и збогатување на културната соработка меѓу двете земји.
Извор: Nezavisen