Од 16 до 19 ноември на Белградскиот саем ќе се одржи меѓународиот Саем за вино „Винска визија Отворен Балкан“ и кулинарскиот спектакл „Фуд Вижн“ под покровителство на Владите на Р.Србија, Р.Северна Македонија и Р.Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.
Од Службата за медиуми на српскиот претседател соопштија дека во четирите дена на Wine Vision, Белград ќе собере повеќе од 600 изложувачи од бројни винарии, дестилерии, гастрономски компании од повеќе од 28 земји, што е двојно повеќе изложувачи од „Винскиот саем Отворен Балкан“ што се одржа во септември минатата година.
-Половина од излагачите ќе бидат од земјите членки на Отворениот Балкан, поточно 260 од Србија, 74 од Северна Македонија и 21 од Албанија. Исто така, оваа година на Саемот се приклучија и производители од целиот свет, велат организаторите.
Претседателот Александар Вучиќ од Париската мировна конфенција викендов кажа дека за Саемот разговарал со многу претставници од регионот.
-Разговарав за ова со сите луѓе од регионот. И со претставници на француски компании. Некои од најмоќните француски винарии ќе дојдат во Белград на „Винска визија“. Ќе биде величенствен и прекрасен. Ги поканувам сите луѓе во Србија да дојдат на саемот. Тоа де факто ќе биде трет или четврти по големина саем на вино во цела Европа. Значи, секако, тоа се Винитали, Дизелдорф и не сум сигурен дека има уште некој друг кој би можел да биде посилен од овој, изјави Вучиќ.
Тој нагласи дека на фестивалот покрај голем број винарии од Србија ќе учествуваат и бројни вински куќи од регионот и од целиот свет.
Првиот саемски ден, 16 ноември, ќе биде од затворен карактер кога портите на саемот ќе бидат отворени само за професионални купувачи и високи личности. Меѓу нив ќе има и претседатели, премиери и луѓе од владите на земјите од Отворен Балкан и на други земји кои ќе ги пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Според претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, годинашниот саем за вино „Wine Vision by Open Balkan“, ќе собере околу 450 професионални посетители од 48 земји на светот, а станува збор за дистрибутери, увозници, синџири на големо и мало, клиенти од секторот HORECA и продажни агенти. Тој посочи дека посебен квалитет на саемот ќе биде деловната програма, односно билатералните разговори меѓу производителите на вино и купувачите.
Директорот на Здружението на винарите и лозарите на Србија, Стеван Рајт, изјави дека практично се работи од крајот на минатата година, а интензивните подготовки се одвиваат од март.
Колку саемот ќе биде поголем од ланскиот покажува податокот дека минатата година манифестацијата се одржа во две хали и дополнителна трета хала, додека годинава за саемот на виното ќе бидат искористени шест хали плус две хали за гастрономија.
-Во сала 5 ќе има гастрономско шоу на кое готвачи од целиот свет со кулинарски вештини и титули ќе ги покажат своите готвачки вештини. Ќе има мастеркласи и готвачко шоу, како и натпревар за готвачи, индивидуално и како тим, а публиката ќе може да ја вкуси храната и да ги оцени готвачите, истакна Рајт.
Тој додаде дека во хала 11 ќе има изложба на храна на која луѓето ќе можат да видат разни видови храна, зачини, особено од Балканот.
-Во другите сали ќе има винари, при што салата 1 е наменета за вина од трите членки на Отворениот Балкан, односно Србија, Северна Македонија и Албанија, додека сала 4 ќе биде исполнета со вина од целиот свет, кажа тој.
Како особено интересна содржина ја најави изложбата на ракија во галеријата Хала 1, на која ракијаџиите ќе се претстават со голем и многу богат асортиман.
И оваа година ќе се избираат најдобрите вина, жирито ќе се одржи во сала 4, а покрај минатогодишните шест наградени категории ќе бидат доделени уште три, за најдобро оценетите вина од Србија, од Северна Македонија и Албанија.
Саемот ќе биде изложбен и продажен, а Рајта објасни дека продажбата ќе се врши само во хала 1А и дека нема да има продажба на штандовите каде што се наоѓаат излагачите.
-Мораме да го почитуваме законот затоа што не можевме на сите да им обезбедиме фискални каси, но затоа направивме поп-ап винотека за секој што ќе дојде на саемот да добие вино, рече тој.
Минатата година имаше 400 производители на вино и храна од над 22 земји, на кој имаше 42 винарии од Северна Македонија, како и Македонска вечер на која покрај лидерите од регионот беа и голем број бизнисмени.
МИА неофицијално дознава дека и годинава ќе се одржи Македонска вечер, во рамки на Саемот за вино „Винска визија Отворен Балкан“.
Во Иницијативата Отворен Балкан се Северна Македонија, Србија и Албанија, но на досегашните економски и политички собири се почесто присуствуваа и делегации од Црна Гора и БиХ.
Извор: agrotim.mk