Јавниот градски превоз во Белград од денес е бесплатен за сите граѓани, а од почетокот на новата година треба да биде воведен и динамичен – променлив распоред на возења, додека досегашниот фиксен распоред на поаѓањe на градските автобуси ќе биде укинат.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, ја претстави оваа мерка како социјална иницијатива на Градот, но не можеше да прецизира колку точно ќе мора да се издвои од градскиот буџет за тоа.
Според неговите зборови, градската управа веќе на годишно ниво за субвенционирање на јавниот превоз дава 250 милиони евра, а новите обврски треба да бидат дополнителни „неколку десетици милиони евра повеќе“.
Шапиќ објасни дека засега не е можно да се даде точна проценка поради промените во месечните износи на досегашната наплата на карти.
За укинување на досегашниот ред на возења и воведување на динамичен, Шапиќ изјави дека тоа треба да се случи почетокот на годината.
Воведувањето на динамичен распоред беше најавено поради, како што тврди, невозможноста за спроведување на фиксниот ред на возења поради зголемениот сообраќај во Белград во однос на времето кога тој распоред бил изработен.
Шапиќ истакна дека динамичниот распоред на возења значи тргнување на автобусите од почетните станици кога возачите ќе добијат сигнал за тоа, зависно од процената на потребата, што ќе го избегне злоупотребувањето на ситуацијата кога автобусите се возат празни и не застануваат на станиците за да стигнат на време на планираниот ред на возења.
Промените во градскиот превоз во Белград започнаа во април 2023 година, кога Собранието на градот еднострано го раскина јавно – приватното партнерство со турската компанија „Kentkart“, која управуваше со системот за наплата на билети „Bus plus“.
Компанијата „Kentkart“ ја тужи државата Србија и бара отштета од 17 милиони евра, додека градоначалникот Шапиќ тврди дека, ако дојде до плаќање, нема да се плати повеќе од еден милион евра.
Поранешниот шеф на кабинетот на Шапиќ, Ненад Миловановиќ, беше осуден на осум месеци условна казна за тоа што турската компанија им понудила наменување на тендер за новиот систем за наплата на билети, ако се согласат да го раскинат договорот.
Во мај 2023 година, во Белград започна да функционира новиот систем за наплата на билети, во кој наводно е вложено околу 14 милиони евра. Цените на билетите тогаш беа значително намалени: билет за 90 минути возење чинеше 50 динари, а дневни 120, додека месечните карти беа намалени на 2.000 динари.
Не постојат официјални податоци за тоа како новиот систем и поевтинувањето влијаеле на продажбата на билети, но градоначалникот неколку пати истакна дека продадени се повеќе билети, но дека наплатата била помала поради пониската цена.
Во моментов не е познато ни дали и како опремата набавена средината на минатата година ќе се користи, бидејќи превозот од денес стана бесплатен. Во септември 2022 година, Град Белград основаше Јавно-комунално претпријатие „Наплата превозни услуги“, кое го презеде работата за наплата на билети во јавниот превоз од „Kentkart“, а чие што постоење по воведувањето на бесплатен превоз исто така не е познато.
Приватните превозници во април 2024 година ги добија линиите со почетни броеви 100 и 700, кои досега ги контролираше Градското сообраќајно претпријатие (ГСП).
Иако главното ветување со кое актуелната градиначалничка на Скопје Данела Арсовска ги доби изборите беше токму бесплатниот јавен превоз, тој не се случи. До крајот на мандатот останува неполна година. Наместо бесплатен превоз, граѓаните не неколку пати останаа без превоз поради штрајкот на ЈСП кое смени повеќе директори за краток период. Штрајкуваа и приватните превозници.
Додека Белград го дочека бесплатниот јавен превоз, а Солун Метрото, Скопје може да го чека само новиот градоначалник.