Минатата година, за над 80 проценти од слободните работни места во Албанија, објавени од Националната агенција за вработување, се барало основно образование, објави албанското економско списание „Монитор“.
Официјалните податоци, потврдуваат дека во периодот јануари-декември 2024 година, албанската Национална агенција за вработување објавила 61.624 слободни работни места, што е за еден процент повеќе отколку во истиот период од претходната година. Сепак, поголемиот дел од нив се за професии за кои не е потребна диплома за професионална квалификација.
“Најголема побарувачка во 2024 година имало за продавачи во продавници, хигиеничарки, производствени работници, келнери, помошници во градежната или преработувачката индустрија… Работата во овие професии е често физичка, платите се релативно ниски, а условите за работа бараат флексибилност и издржливост, наведува списанието.

Според “Монитор”, оваа распределба покажува дека структурата на албанскиот пазар на трудот останува ориентирана кон секторите со ниска продуктивност и физичка работа, додека позициите што бараат високо образование или специјализирани вештини како што се менаџери, техничари или специјалисти зафаќаат многу помал процент.
“Податоците од Националната агенција за вработување и вештини, потврдуваат дека најголем број слободни работни места минатата година беа објавени во преработувачката индустрија (28,6 проценти), по што следуваат хотелите и рестораните (17,8 проценти), трговијата на големо и мало, поправка на моторни возила (15,2 проценти), други услуги (12,5 проценти) и градежништвото (9,4 проценти), стои во анализата.
Според „Монитор“, податоците од меѓународните финансиски институции покажуваат дека во текот на изминатите две децении, Албанија создала помалку работни места за квалификувани работници споредено со земјите во развој во Југоисточна Европа.
“Вработеноста се зголемила, но овој раст не им користел на образованите луѓе, туку на оние со основни вештини, пишува и списанието, во анализата под наслов: Универзитетот “не вреди” за над 80 проценти од слободните работни места во 2024 не се бараа образовни вештини.
