Во Албанија 20 отсто од работниците се странци, ги има од Индија до Филипините

„Од брегот на Саранда, централниот па се до северниот дел на земјата  албанскиот јазик со странски акцент се слуша сè повеќе бидејќи странци се вработени  во многу бизниси. Нивниот број е 20 отсто од бројот на вработените, кои тука заработуваат а се дојдени од Филипини, Уганда, Мјанмар… но и од Италија, Косово, Македонија“, објавија албанските медиуми.

Во изјавите тие велат дека се среќни, добиваат добри плати, не плаќаат кирија, храната им ја обезбедува претприемачот и секој месец испраќаат пари дома.

„Но, оваа реалност е одраз на подлабок проблем за албанскиот пазар на трудот. Земјоделството, индустријата, градежништвото и туризмот се секторите кои страдаат од недостиг на работна сила, поради што „увезени“ се најмалку 11 илјади странски работници за да ги пополнат слободните работни места, но сеуште има недостиг“, оценува Топ чанел.

Недостигот на работна сила е акутен во неколку клучни сектори. Најпрво се вработуваа во хотелскиот сектор, а сега и во фабрики за преработка на земјоделски производи.

„Поради егзодусот и падот на наталитетот принудени сме да го насочиме вниманието кон странски работници. Првиот контингент странски работници пристигна пред три години, сега веќе тоа е редовна појава и се обидуваме да ги навикнеме на нашата клима, храна и правила. Тоа е единственото решение за да не ги изгубиме договорите за кои работевме со години за да ги склучиме“, вели Филип Ѓока, претприемач.

Според Националната агенција за вработување, 20 проценти од работната сила во Албанија е покриена со странци, додека во иднина ќе се создадат повеќе можности во новата законска рамка за странците во земјата.

Гертиола Хоџа, директорка на Агенцијата за вработување потврдува дека 20 отсто од работниците се странци и најавува дека се подготвуваат измени во законот за странци, за да ги олесни правата на имигрантите, како и нивната заштита, пристапот до информации, пазарот на трудот итн. Според неа Владата планира да донесе 40 илјади странци на работа во Албанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни