Новиот роман на Миле Бошњаковски, „Во Акрата нема мостови“, од денеска е во продажба. Станува збор за книжевно дело што ја отвора темата на патувањето како егзистенцијална потрага, но и прашањата за љубовта, семејството и односите што ги обликуваат човечките судбини.
„Оваа книга ја напишав затоа што имав потреба да си одговорам на неколку кратки, но за мене тешки прашања. Што значи да сакаш без гаранција дека некој ќе остане, што значи да бидеш родител и да преземеш одговорност за живот што не ти припаѓа, и како се живее со празнини кои не се пополнуваат, туку се носат“, вели авторот.
Романот ја истражува блискоста меѓу луѓе со различни потекла, јазици и искуства, сугерирајќи дека најсилните врски често се раѓаат токму во прифаќањето на разликите. Во неговото јадро се љубовта, семејството и невидливите мостови што ги поврзуваат луѓето низ времето.
Новинарот и публицист Зоран Бојаровски во својот осврт го опишува делото како прв „on the road“ роман во македонската литература, нагласувајќи дека ги содржи клучните елементи на жанрот: поетиката на патувањето, егзистенцијалната потрага и бегството како форма на самоспознавање. Според него, љубовната приказна меѓу Јостед и Елени го носи читателот низ една од посилните романтични наративни линии во современата македонска литература.
Новинарката Катарина Синадиновска, пак, истакнува дека романот е силна приказна за припадноста и неизговорените вистини. Таа оценува дека Бошњаковски со суптилна и прецизна нарација создава роман во кој личните судбини се преплетуваат со историјата и отвораат прашања за семејството, љубовта и тишините што се наследуваат.
„Во Акрата нема мостови“ е втор роман на Бошњаковски, по „Погром – записите на Рафаел Дорон“, а минатата година тој ја напиша и монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески, роден су од камен“, која премиерно беше изведена во јули.
Лектор на изданието е Јордана Шемко Георгиевска, уредничка е Ана Мартиноска, дизајнот е на Бојан Ивановиќ, а уредник за верификација на информации е Јанис Јеруланос.
Романот од денеска може да се купи во книжарниците „Или-Или“ и „Полица“, како и во продавниците на „Литература“ во „Ист Гејт“, „Сити Мол“, „Дајмонд“, на улица „Македонија“ и во ТЦ „Буњаковец“. Цената на книгата е 450 денари.