Според „Безбедносниот биланс 2025“ на компанијата за гео-податоци Михаел Бауер Интернешнл од Карлсруе, од јануари до септември 2025 година биле регистрирани 1.450 политички конфликти од различен интензитет кои сè уште се во тек. Во текот на годинава биле додадени уште 70 нови конфликти, додека 18 биле завршени.
Студијата, пренесена и од агенцијата dpa, посочува дека конфликтите не се определуваат само од случувањата на бојното поле, туку и од економски притисоци, стратешки сигнали и политички блокади. Авторот на анализата, научникот Николас Шванк, предупредува дека расте ризикот од погрешна проценка на ескалациите.
„Релативно ниското ниво на директно насилство често води кон воздржаност во примената на превентивни мерки и ограничена подготвеност за нови политички и економски пристапи. Поради тоа, мерките често се преземаат дури кога веќе е направена значителна штета“, се наведува во анализата.
Повеќе војни отколку лани
До крајот на септември годинава биле евидентирани 89 војни, што е за 11 повеќе отколку во текот на целата 2024 година. Овие високоинтензивни вооружени конфликти се воделе во 31 земја. Како примери се наведуваат војната меѓу Русија и Украина, како и внатрешни конфликти, меѓу кои и оние на северот на Мали. Најпогодени региони и понатаму се подсахарска Африка, Блискиот Исток и делови од Азија.
Девет конфликти во 2025 година за првпат достигнале највисоко ниво – војна, при што станува збор за долготрајни судири кои и претходно биле насилни. Најизразени ескалации се забележани во Сомалија, Демократска Република Конго и Буркина Фасо.
„Овие случувања често остануваат под прагот на вниманието на западните медиуми, но значително ја менуваат регионалната безбедност“, се наведува во анализата.
Многу тешки судири под прагот на војна
Во извештајот се истакнува дека војните се „само врвот на ледениот брег“. Постојат бројни конфликти со сериозни последици кои не вклучуваат постојано вооружено насилство, но силно влијаат врз дипломатијата, пазарите и безбедносните проценки.
Под прагот на војна се регистрирани 523 насилни кризи. Тие се движат од протести што повремено стануваат насилни – околу 140 протестни конфликти во земји како Франција, Србија, Мексико и Филипини – до судири со вооружени групи во Централноафриканска Република, Индија и Индонезија.
Во оваа категорија спаѓаат и прекугранични тензии, како оние меѓу Судан и Јужен Судан, како и меѓу Етиопија и Кенија.
Анализата предупредува дека ваквите, често занемарени конфликти, можат брзо да прераснат во пошироки геополитички и геоекономски судири со далекусежни последици.
Извор: N1info.rs