Големите француски музеи и споменици, вклучувајќи го и Лувр, кој беше цел на кражба на накит во октомври,во текот на 2025 година имаа повеќе посетители, која воедно е и последната година пред зголемувањето на цените за граѓаните надвор од Европската Унија кои ќе стапат кон средината на јануари, објавија денес локалните медиуми.
Најголемиот музеј во светот, Лувр, повторно забележа раст, со девет милиони посетители, што е мало зголемување во споредба со 2024 година (8,7 милиони), година во која доживеа мал пад, веројатно поради Олимписките и Параолимписките игри.
Сепак, тоа не е рекорд, бидејќи во 2018 година прими 10,2 милиони посетители, а потоа беше одлучено дневната посетеност да се ограничи на максимум 30.000 за да се обезбеди поудобно искуство за посетителите.
Лувр го надмина Версајскиот дворец, чиј огромен комплекс пречека 8,4 милиони посетители, исто како и во 2024 година.
Главните историски места беа многу популарни, со рекордни 12 милиони посетители за околу сто национални споменици.
Триумфалната капија (1,85 милиони) и опатијата Мон Сен Мишел (1,6 милиони) го предводеа патот, според податоците од Центарот за национални споменици.
Ваквите резултати делумно се објаснуваат со постепениот раст на меѓународниот туризам, но и со организирањето на атрактивни изложби.
Почнувајќи од 14 јануари, посетителите ќе мора да платат 32 евра за да ги истражат 73.000 квадратни метри на Лувр, што е за 10 евра повеќе од сегашната цена.
За Версај, цената на билетот ќе се зголеми од 32 на 35 евра за време на врвот на туристичката сезона. Тоа зголемување на цената особено ќе ги погоди Американците, најголемата група странски посетители што се очекува оваа година, како и кинеските туристи, кои се враќаат во Франција по долго отсуство поради пандемијата COVID-19.
110.000 посетители се искачиле на кулите на готската катедрала Нотр Дам во Париз откако таа беше повторно отворена во септември, шест години по пожарот на 15 април 2019 година, беше објавено.
