Златото поскапе за 80 отсто во изминатите пет години, благодарение, меѓу другото, и на инфлаторното опкружување. Овој благороден метал повторно се најде во фокусот на инвестициите. Една унца злато во моментов на светските пазари се тргува по цена од околу 2.900 долари, па не би било чудно доколку наскоро го надмине психолошкиот праг од 3.000 долари.
Во оваа прилика го разгледавме глобалното производство на злато во кое доминираат земји со големи територии. Според проценките на Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), минатата година во светот се произведени околу 3.300 тони злато, околу педесет тони повеќе отколку во 2023 година.
Најголем производител беше Кина со 380 тони. Земјата го достигна својот врв на производство во 2016 година со ископани 455 тони злато, но и покрај падот, нејзиното годишно производство не падна под 300 тони. Покрај тоа што е водечки производител, Кина е и еден од најголемите светски потрошувачи на злато, со годишна потрошувачка која надминува 800 тони.
Русија минатата година го зазеде второто место со производство од 310 тони, кое остана на нивото од 2023 година. Како и во другите земји, производството на злато во Русија не се менува драстично од година во година, но во подолги периоди се забележуваат трендови кои преовладуваат – само во 2017 година Русија произвела 255 тони.

По Русија е Австралија со минатогодишно производство од 290 тони, а листата на петте најголеми ја комплетираат Канада со 200 тони и САД со производство од 160 тони злато.
Со просечна цена на златото од околу 2.400 долари за унца во 2024 година, вкупното годишно глобално производство минатата година вредеше околу 250 милијарди долари.Американскиот геолошки институт наведува дека околу 45 отсто од годишното производство на злато се троши на накит, додека централните банки и слични институции купуваат дополнителни 21 отсто, 19 отсто се истураат во шипки, седум отсто се користат за изработка на монети и медали, околу шест отсто завршува во електрониката и електричната индустрија, а преостанатиот еден отсто се користи за други цели.