Во Јасен сѐ уште гори, пожарот кај Преспа под контрола

Останатите 18 пожари, од вкупно 20, колку што биле активни во последните 24 часа, се изгаснати

Сѐ уште гори мешана шума во ловиштето Јасен. Пожарот што започна вчера е активен, додека тој во селото Долно Дупени, во близина на Преспанско езеро е под контрола. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, екипите на Јасен и Национални Шуми се излезени на терен, но поради непристапноста не се во можност да дејствуваат. Денеска со пожарот се борат два полициски хеликоптери, но поради силниот ветар ефектот на делувањето од воздух е намален.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека кон пожарот се упатени и два ер трактори, како и три пинцгауер возила и 25 припадници на МВР.

Пожарот во атарот на селото Долно Дупени, во близина на Преспанско езеро, е ставен под контрола од страна на екипите на Протипожарната бригада од Ресен и Национални Шуми, кои по потреба ќе дејствуваат за да се спречи негово реактивирање.

Останатите 18 пожари, од вкупно 20, колку што биле активни во последните 24 часа, се изгаснати, посочуваат од ЦУК.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни