Цените на гас во Европската унија последните десетина дена достигнаа највисоко ниво од октомври 2023 година, а причините за тоа покрај нарушувањата во понудата поради одбивањето на Украина да го продолжи договорот за транзит со Русија, се и студеното време, намалувањето на резервите и загриженоста за можни американски царини за увоз. Така, берзанските цени на природниот гас во Европа првпат од 8 февруари 2023 година ги надминаа 620 долари за илјада кубни метри, што е скоро 4 проценти повеќе отколку на 7 февруари оваа година. Ако се знае дека просечната вредност на фјучерсите за гас на европската берза во минатата година изнесувала 386,5 долари, овој скок на цените е загрижувачки.
Според Financial Times, како и порталот Oilprice, официјални лица од Брисел размислуваат за можноста за воведување ограничувања на цените на природниот гас затоа што Европа губи конкурентност бидејќи цените се и до четири пати поголеми од оние во САД.
Колку е ова голем проблем, како што наведува Financial Times, покажува и тоа што Европската комисија сериозно расправа за ограничување на цените пред објавувањето на таканаречениот Чист индустриски договор следниот месец.
Податоците пак покажуваат дека кредибилитетот на складирањето гас во Европската унија е загрозен, бидејќи е на околу 55 проценти, што е значително помалку во споредба со 72% забележани минатата година. Студеното време ги загрозува тие капацитети бидејќи ЕУ се соочува со значително намалување на увозот на руски гас, кој претходно го сочинуваше 40% од вкупната понуда, поради санкциите поврзани со Украина. За да го надоместат недостигот на гас, државите под капата на нивната администрација го зголемија увозот на поскап течен природен гас (LNG) од САД и Норвешка, што ги зголеми вкупните трошоци за енергија.
Тешка е ситуацијата и поради новата американска администрација на чело со Доналд Трамп, која неодамна му “препорача” на Брисел да го зголеми увозот на американски LNG, бидејќи во спротивно им се заканува со воведување царини.