„Внимание“ ги праша младите – „Зошто има толку многу кладилници и казина насекаде и зошто луѓето во Македонија толку многу се коцкаат?“ – „Затоа што сме баш сиромашна земја“, „Луѓето гледаат излез во казиното“, „Многу низок стандард на живеење… луѓето единствената надеж ја бараат во игрите на среќа“, „Има кладилници и казина затоа што прават пари, затоа што е профитабилен бизнис“, велат младите.
На прашањето „Како се навлекуваат луѓето и какви се последиците?“, граѓаните велат: „Мислам дека е доста лесно да се навлечеш, ги има на секој чекор“, „првиот пат може земал пари од тоа, па се надева дека пак ќе зима пари, па изгубил пари, па сега да си ги врати, и еден круг, еден процес којшто никогаш не сопира“, „Генерално, никој не заработува, коцкарниците се така конструирани, така направени, за да тие да имаат добивка, а не луѓето, народот“. Последиците од тоа може да бидат страшни, предупредува еден граѓанин: „Губење на се што имате во својот живот, можете својата љубов да ја изгубите, имотот, родителите, се може да изгубите“.
Младите се свесни за штетите од зависноста од коцкање и обложување и даваат конкретни предлози како да се намалат штетите. На прашањето „Што би направиле за да ги заштитите младите од опасностите од игрите на среќа?“, граѓаните велат: „Јас лично би забранила малолетници да влегуваат во кладилници“, „Пред се да се намали бројот во населени места“, „Казината нека си седат во Гевгелија, на граница… Ако е тука, јас се разбира ќе отидам, ако ми е овде пред зграда и немам што да правам, ќе одам во казино, наместо да фатам да читам книга или да одам во кино“.