Внимание, внимание, утре е 8-ми март – меѓународен ден на жените!

Во пресрет на 8-ми март, меѓународниот ден на жените, екипата на „Внимание, внимание“ ги прашува граѓаните што за нив претставува 8-ми март. Одговорите се инспиративни: „8-ми март е ден на прославување на сите жени, и се што тие можат да постигнат“; „Празник, што го чека жената цела година“; „Обичен ден како и сите други, затоа што внимание на жената треба да се посвети секој ден“…

На прашањето зошто се одбележува 8-ми март како ден на жените, повеќето граѓани ги спомнаа Роза Луксембург (и Клара Цеткин) и движењето за правата на жените: „8-ми март се однесува за рамноправноста на жената во сите сфери и функции“, истакна една граѓанка.

Сите граѓани потврдија дека ја поддржуваат борбата за правата на жените. „Пред се, би требало да имаат целосна поддршка од мажите и од институциите“, укажа еден граѓанин. „Има дискриминација, мислам дека треба сеуште борбата да трае“, истакна една граѓанка. „Јас ја поддржувам борбата за сите права, не само за женски права“, поентираше друга граѓанка.
На прашањето кое право би го подариле за 8-ми март, добивме различни одговори: „Да можат да работат секаде каде што би посакале“; „Па не знам, ги имаат сите права, башка не е мое да подарувам, си имаат, сами се си зимаат“; „Слободата, независноста“; „Од поедини мушкарци поголема почит кон жената“.

Граѓаните даваа различни одговори и на прашањето која жена е пример за жена-борец: „Сите жени“, „Сите жени во мојот живот…“, Мајка Тереза, Одри Хепберн, но најчесто беа спомнувани мајките и бабите. „Секоја жена си е борец за себе, и за другите“, поентираше една граѓанка.

Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.

Најново

Последни колумни