Во најновата анкета на „Внимание“ ги прашуваме граѓаните, што мислат, дали се ближи ли крајот на светот? Мислењата се навистина поделени, како и во однос на прашањето: Дали ни се заканува Армакедон од трета светска војна или е веќе почната? „Крајот на светот се ближи некако често последниве години, никако да дојде“; „Армакедон веќе живееме, културолошки Армакедон“; „Против матриксот се бориме ние“, велат граѓаните.
И на прашањето „Што е поизгледно, апокалипса од глобално затоплување или од ново ледено доба?“ мислењата се поделени, иако натежнува глобалното затоплување.
Граѓаните кажуваат и што повеќе ги плаши – крај на светот од пандемија, од судир со астероид, од супер-земјотрес или од инвазија на Марсовци. „Искрено би сакала да се деси инвазија од Марсовци“, „Со Марсовците мислам дека најдобро ќе се разберам“, велат две соговорнички.
На прашањето „Што е поголема закана за нас – вештачката интелигенција или човечката глупост?“, повеќето граѓани велат глупоста. „Човековата глупост што ја измисли вештачката интелигенција“, поентира еден граѓанин.
Повеќето граѓани велат дека треба малце да олабавиме со филмови и вести за катастрофи и за крајот на светот. „Општо треба да олабавиме, многу сме напети, напорни, без трпение, малку повеќе треба да се сакаме“, „Мора да се олабавиме малце, малце да го гледаме светот на поголема слика и да го уживаме животот едноставно само“, „Ау, да, гаси телевизор“, велат граѓаните за ТРН.