На последната анкета на „Внимание, внимание“, објавена на „Трн.мк“ граѓаните кажуваат дали повеќе гледаат вести на ТВ, или на интернет, дали се информираат преку социјални мрежи, или на портали. Повеќето анкетирани граѓан(к)и го потврдуваат веќе детектираниот тренд, укажувајќи дека се информираат преку социјални мрежи.
Некои се информираат и преку ТВ, и на интернет, и преку портали и на социјални мрежи. На прашањето дали постојат многу лажни вести, граѓаните одговараат потврдно, давајќи различни одговори – некои сметаат дека повеќе ги има на социјални мрежи, други на ТВ, а некои дека ги има секаде. И на провокативното прашање, дали може да ги снема телевизиите за неколку години, граѓаните различно одговараат – некои сметаат дека е можно, други не веруваат во тоа, барем за скоро време, во следниве 15-20 години. Трети предупредуваат дека ако продолжи трендот ќе ги снема, затоа што „пола народ не гледа ни вести, ни ништо“.
И младите, но и повозрасните, не ги земаат вестите здраво за готово, гледаат неколку извори, ги споредуваат, гледаат од повеќе медиуми што кој кажал, ја примаат секоја информација со резерва, и укажуваат дека „треба да бидеме медиумски писмени“.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.