Во најновата анкета на „Внимание“ тема ни е безбедноста на пешаците.
На прашањето „Дали се чувствувате безбедно кога преминувате улица на пешачки премин?“, повеќето од граѓаните рекоа дека не се чувствуваат безбедно: „Не, воопшто, затоа што не застануваат, не ги почитуваат правилата и прописите“, „Не, поготово не сега со количка, заради несовесни возачи, невнимателни“, „Апсолутно не, никој не пази, сите со телефони, не се почитуваат ни знаци ни ништо… не сме безбедни“, „Не баш, многу повеќе треба да пазам јас, не застануваат на пешачки, посебно кога сум со точак или со тротинет, да не правам муабет кога поминуваме со количка со малиот“.
На прашањето „Дали како возач ги знаете правилата за пешачки премин?“ повеќето испитаници велат дека ги знаат, иако наведоа различни одговори на прашањето „На колку метри застанувате пред пешачки?“
Граѓаните дадоа различни одговори и на прашањето „Што мислите, дали 200 евра е соодветна казна за незастанување и непропуштање пешак на пешачки?“
Покрај прашањето „Како би ги казниле лицата што диво паркираат на тротоар и ја загрозуваат безбедноста на пешаците?“, граѓаните ги прашавме и следново: „Дали пешаците треба да им се благодарни на возачите кои застануваат на пешачки?“
Еве што ни одговорија: „80% од возачите не пропуштаат пешаци, раритет е некој да сретнеш да ти застане на пешачки премин“, „Јас сум таа што клима со глава… кревам рака „фала“, проаѓам, инаку не треба…“, „Па, кај нас да, иначе општо не, затоа што тоа им е обврска“, „Добро, јас се заблагодарувам, иако не треба“, „Многу малку има можност за пешакот кај да се движи. Тоа сега го увидов, кога со количка треба да се движиме. Нема тротоари, нема кај да се поминува, и уште сега на пешачки да се молиме да застанат возачите, стварно нема смисла“.