Внатрешна контрола на МВР: 39 полицајци со пропусти во случајот Ивана Јовановска

МВР доставило известување до Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде постои специјализирано одделение за кривични дела сторени од полициски службеници.

Одделот за внатрешна контрола на МВР утврдил пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои реагирале по пријавите за семејно насилство во случајот на Ивана Јовановска, соопштија од министерството. Известувањето е доставено до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пренесува „Слободен печат“.

39 службеници постапиле со пропусти, МВР го известило обвинителството

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврдил пропусти кај 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство во случајот Јовановски, соопштија од МВР за „Слободен печат”. Во официјалниот одговор на министерството се наведува дека по прибирањето на информациите, одделот доставил известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Обвинителството потврди дека известувањето го примило претходниот ден и дека ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Стојанче Јовановски пријавуван повеќе пати, полицијата добро го познавала

Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана и за нанесување телесни повреди поврзани со семејно насилство, бил пријавуван повеќе пати и од сопругата и од трети лица. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека МВР добро го познавало осомничениот, кој имал вкупно 10 кривични пријави за насилство, кражби и трговија со дрога.

На денот на трагедијата, на 2 март годинава, во 12:05 часот во МВР пристигнала пријава за расправија. Полицајци пристигнале на лице место во 12:19 часот. Истиот ден биле во рацете на полицијата видео снимки на кои се гледа како Јовановски ја удира Ивана.

Судењето продолжува, признанието не е прифатено

Судскиот процес против Јовановски продолжува пред Основниот кривичен суд Скопје. Обвинителката Адела Бојчевиќ изјави дека исказот на обвинетиот не ги исполнува законските услови за признание на вина, поради што судот не го прифатил и постапката продолжила со изведување докази. Законската застапничка на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, изјави дека очекува обвинението да биде прифатено во целост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни