Вложувањето во  Ромите е клучно за решавање на недостатокот на  работната сила  на Западен Балкан

Прашањето за подобрување на состојбата на Ромите во ЕУ беше на агендата на неодамнешниот Берлински самит кој одбележи десетгодишнина на Берлинскиот процес, платформа за зголемување на соработката меѓу Западен Балкан и ЕУ. Ромите се најголемото етничко малцинство во Европа и Западен Балкан.

Пишува: Жељко Јовановиќ

Државите од Западен Балкан – Србија, Албанија, Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина – се наоѓаат на раскрсница, соочени со акутен недостиг од квалификувана работна сила што ја загрозува економската конкурентност и долгорочниот опстанок на регионот. Во моментот, образовниот систем не ги обезбедува вештините што се потребни на пазарот на труд. Ова, исто така, е закана и за нивните европски перспективи.

Два предизвика – стареењето на населението и постојаната емиграција – го намалуваат обемот на работоспособното население, оставајќи многу непополнети работни места и индустрии кои се борат да ја одржат продуктивноста. Земјите во регионот се очекува да изгубат меѓу 20% и 25% од своето работоспособно население до 2050 година.

Во овој контекст, широко распространетата дискриминација на ранливите групи како што се Ромските работници, го влошува проблемот исто како и дигитализацијата, која исклучува многу работници со ниски примања кои се заглавени на работни места што нудат малку можности за развивање на нивните вештини, додека традиционалните пристапи како ефтина работна сила и даночни намалувања повеќе не се доволни за да се реши проблемот.

Сепак, во тек на оваа криза со работната сила, решението е очигледно: Роми. Како припадници на најмладата етничка популација во регионот, Ромите се повеќејазични, прилагодливи и претприемачи. Вложувањето во нивното економско зајакнување не само што може да помогне да се реши недостигот на работна сила, туку и да генерира значителни јавни приходи, да ги оспори вкоренетите стереотипи и да поттикне поголема социјална инклузија.

Колку млади Роми има на Западен Балкан? Според најновите достапни податоци, 355.000 Роми живеат на Западен Балкан. Меѓутоа, проценетиот бројот е три пати поголем, бидејќи официјалните истражувања ретко ја земаат во предвид етничката припадност. На пример до 2035 година, меѓу 14% и 29% од сите нови учесници на пазарот на трудот во Србија ќе бидат Роми.

Парадокс на работната сила

Западен Балкан се соочува со парадокс: и покрај високите стапки на невработеност, регионот се соочува со значителен недостиг од квалификувани работници. Оваа состојба произлегува од незадоволителниот резултат на пазарот на трудот, каде што многу луѓе се обесхрабрени да бараат работа поради ниските плати и неусогласеноста помеѓу поседуваните вештини и слободните работни места, додека неформалната економија ги прави и работниците и економиите ранливи.
Емиграцијата кон земји како Германија, Австрија или Италија, кои ветуваат подобри можности, се зголеми за 10% во последната деценија, особено меѓу младите луѓе, при што една петтина од населението на Западен Балкан сега живее во странство, главно во ЕУ. Само Србија се очекува да изгуби повеќе од 40% од својата работна сила до 2050 година, додека другите земји во регионот се соочуваат со слични намалувања.

Во исто време, образовните системи во регионот не ги оспособуваат младите луѓе со вештините потребни за пазарот на труд. Многу млади луѓе – помеѓу 16% и 33% од оние на возраст од 15–24 години – на Западен Балкан се класифицирани како NEET ( не се вклучени во образование, немаат работа, ниту посетуваат некаква обука), ситуација која е уште поалармантна за Ромите, од кои две третини припаѓаат на оваа група.

Ромите како решение

Едно од решенијата за овие предизвици е вложувањето во Ромите. Ромите се најбрзо растечка демографската група на Западен Балкан а нивниот удел на пазарот на труд значително ќе се зголеми во наредните години.

Според проценките на Светската банка, интеграцијата на Ромите на пазарот на труд може да донесе значителни економски придобивки. Во Србија, придобивките од зголемената продуктивност би изнесувала меѓу 314 милиони и 1,28 милијарди евра годишно, додека финансиските придобивки од зголемените јавни приходи и помали трошоци за социјални давачки би изнесувале меѓу 78,1 милион и 317 милиони евра годишно. Од друга страна, исклучувањето на Ромите од пазарот на труд претставува закана за фискалната одржливост на регионот.

Затоа инвестициите во Ромите, не се само морална обврска, туку и економски разумна стратегија. Нашиот економски модел покажува дека програмите за обука на млади Роми во дефицитарни занимања брзо даваат резултати, при што често трошоците се покриваат за помалку од три години. Во однос на ова охрабрувачки се успешните практики од проекти финансирани од ЕУ на Западниот Балкан.

Можности за инвестирање

Сега е вистинскиот момент да се искористи можноста за инвестирање во Ромите. Дефицитот на тековната сметка на Западен Балкан значително се намали, што создава нова фискална флексибилност за инвестирање во иновативни програми за обука. Дополнително, Планот за реформа и раст на Европската Унија за Западен Балкан нуди 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра поволни кредити, што претставува исклучителна финансиска поддршка за регионот.

Јавната поддршка за инвестиции во Ромите е посилна од кога било. Според неодамнешна анкета на јавното мислење, три од четири граѓани во регионот поддржуваат владина финансиска помош за Ромите, а две третини се согласуваат дека Ромите треба да имаат посебен приоритет при вработувањето во јавниот сектор. Дополнително, обезбедувањето на работа е најголем приоритет и за самите Роми, што го оспорува вообичаениот стереотип дека тие не сакаат да работат.

Ромските партнерски организации се подготвени да го водат процесот

За овие вложувања да бидат успешни, клучно е да се соработува со ромски организации кои имаат експертиза, доверба и флексибилност за спроведување на широки интервенции. Организации како Ромскиот Образовен Фонд и Иницијативата за развој на ромското претприемништво – двете членки на Мрежата на Ромската Фондација за Европа – веќе ја покажаа својата способност да исполнуваат ефективни програми, од обука за вештини до менторство за бизниси.

Во соработка со локалните организации , владите и бизнисите можат да го надминат традиционалниот модел на образование и вработување создавајќи поинклузивен и динамичен пазар на труд. Ваквите партнерства можат да помогнат во решавањето на недостатокот на работна сила во регионот, да го поттикнат економскиот раст и да ги извлечат ромските заедници од сиромаштија.

извор: The Brussels Times

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни