Македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски е добитник на престижната хрватска музичка награда Порин за особен придонес во музиката, која ќе му биде врачена на 33. доделување на наградите, на 27 март во салата „Грипе“ во Сплит.
Од издавачката куќа Croatia Records, соработник на Стефановски, велат дека признанието е доделено за неговиот исклучителен уметнички опус кој оставил длабок траг врз регионалната музичка сцена, вклучително и врз хрватскиот културен простор.
„Стефановски е уметник чие творештво ги надминува границите на една средина. Неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставија силен белег низ бројни соработки, при што Хрватска зазема посебно место“, наведуваат од издавачката куќа.
Во текот на својата повеќедецениска кариера, Стефановски изгради автентичен и лесно препознатлив музички израз во кој се испреплетуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го позиционираше како симбол на македонската музичка култура и еден од најценетите гитаристи на меѓународната сцена.
Од „Croatia Records“ посочуваат дека доделувањето на наградата има и симболична димензија, бидејќи следува по објавувањето на албумот на кој Стефановски изведува десет евергрини на хрватскиот хитмејкер Ѓорѓе Новковиќ, снимени во соработка со Лондонска филхармонија.
Наградата „Порин“ за особен придонес во музиката досега ја добиле и светски музички имиња како The Rolling Stones, Pink Floyd, Robbie Williams, Горан Бреговиќ и Eric Clapton, што дополнително ја нагласува тежината на признанието.
