Смртоносна епидемија на ешерихија коли, пренесувана преку зелена салата, се проширила минатата година во 15 американски сојузни држави, но Управата за храна и лекови на САД (FDA) одлучила да не ја објави таа информација во јавноста.
Според информациите на NBC News, во епидемијата биле заразени 88 лица, меѓу кои и 9-годишно дете од Индијана кое за малку не починало поради откажување на бубрезите, додека едно лице починало.
FDA во февруари навести дека ја затворила истрагата, но не соопшти јавно што точно се случило, ниту кои компании се одговорни за одгледување и обработка на контаминираната салата.
Според внатрешен извештај до кој дошол NBC News, не било останато контаминирано производство до моментот кога истражителите откриле од каде потекнува патогенот. Поради тоа, FDA не ги именувала компаниите кои стојат зад епидемијата.
„Немаше јавна комуникација поврзана со оваа епидемија“, стои во извештајот на FDA, во кој се наведува дека имало смртни случаи, но без дополнителни детали.
Според американскиот закон, федералните власти не се обврзани да ги објават сите познати избувнувања на болести поврзани со храна, особено ако: изворот не е потврден или истрагата сè уште трае или пак се работи директно со одговорните компании – без вклучување на јавноста.