Во текот на ноќта, поранешниот српски кошаркар Владимир Штимац бил уапсен пред зградата на Радио-телевизија Србија (РТС), под обвинение за нарушување на јавниот ред и мир, потврди Министерството за внатрешни работи на Србија.
На снимките кои кружат на социјалните мрежи, се гледа како повеќе полициски службеници го опкружуваат и приведуваат Штимац, иако тој, според очевидци, не пружал никаков отпор. Во еден момент се слуша како присутните граѓани викаат „Владо, сите сме со тебе!“, а една жена прашува полицајци: „Што му правите?“.
Во официјалното соопштение на МУП се наведува дека уапсени се вкупно 37 лица кои, според тврдењата на полицијата, учествувале во нарушување на јавниот ред и мир за време на собирите во Белград, пред Народното собрание и зградата на РТС.
Некои српски медиуми пренесуваат дека Штимац бил приведен по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, под сомнение дека „поттикнувал насилство со цел насилно менување на уставниот поредок“.
Инцидентот се случи во период на зголемени тензии во Белград, каде што деновиве се одржуваат протести во поддршка на Дијана Хрка, мајката на еден од загинатите во трагедијата со падот на надстрешницата во Нови Сад.