Српската јавност е вознемирена по објавувањето на снимка од апсењето на Владимир Штимац, поранешен кошаркар на репрезентацијата на Србија, кој бил приведен пред зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград.

На видеото, кое трае речиси две минути, се гледа како група полицајци го опкружуваат и совладуваат Штимац, кој, според присутните, не пружал никаков отпор. Притоа се слушаат повици од граѓаните: „Владо, сите сме со тебе!“ и „Што му правите?“ — додека полициските службеници го одведуваат поранешниот спортист.
Видео од моментот на апсењето може да се погледне на следниот линк.
Министерството за внатрешни работи на Србија (МУП) соопшти дека Штимац бил приведен поради нарушување на јавниот ред и мир, а според неофицијални информации, се сомничи дека поттикнувал насилство за време на протестите пред Народното собрание.

Инцидентот се случил во време кога во Белград се одржуваат масовни собири во поддршка на Дијана Хрка, мајката на еден од загинатите во трагедијата со падот на надстрешницата во Нови Сад.
Штимац, познат како еден од најемотивните играчи на српската репрезентација, настапуваше за бројни европски клубови меѓу кои Црвена ѕвезда, Баерн Минхен, Фенербахче и Бешикташ, а во дресот на Србија освои сребро на Европското првенство во 2017 година.
„Владимир Штимац е симбол на спортски дух и еден од ретките спортисти кои отворено застанаа покрај граѓанските иницијативи,“ коментираа поддржувачи на социјалните мрежи.
Од Министерството потврдија дека со Штимац биле приведени уште 36 лица, кои, според нив, учествувале во инциденти во близина на зградите на РТС и Собранието.
