Ви даваме увид во поетскиот процес и воедно посочуваме дека уметноста нема еден врв, туку безброј. А секој од нив нè подигнува над дневната инерција. Часови без часовник не нуди утеха низ сигурност, туку нè повикува да зачекориме во светот каде што зборовите не се ограничени со време – туку се одмерени со чувствителност.
Трн: Вашиот поетски стил е препознатлив по својата комплексност и спојот на визуелната уметност со поезијата. Како ги балансирате овие два аспекта – поезија и визуелност – и што значи за Вас визуелниот елемент во поезија, не само како дополна на текстот, туку како суштинска компонента на самиот поетски израз?
Владимир: Поезијата и визуелните уметности се проникнуваат на многу начини, а тие допирни точки ми се многу блиски на неколку рамништа. Кога читам, а и додека пишувам поезија неретко гледам и доживувам слики. Тие се драгоцени бидејќи ги нема во стварноста. Ниту по галериите. Тоа се внатрешни слики и покрај специфичната музикалност на песната, најчесто и по тоа ги разликувам песните или поетските книги. Поетот е сликар со зборови. Визуелниот елемент во поезијата е секако поврзан и со начинот на кој изгледа песната на некоја подлога (хартија или екран). Односот меѓу графемите и белината од подлогата не е само однос меѓу текст и тишина, туку има визуелно значење. Иако секоја песна е еден вид слика, секако постои и поезија што ја нарекуваме „визуелна”, во која напишаното добива вредност и на ликовен материјал. Друга голема тема е секако дијалогот меѓу поезијата и ликовните уметности, а мене тој дијалог ми е исклучително привлечен и на научен план. Уште од времето на Хомер безброј песни се поврзуваат со безброј ликовни дела (акварели, графики, скулптури, мозаици…) и тогаш кога ги читаме стиховите ние истовремено комуницираме и со зборот и со сликата. Сите овие облици ме возбудуваат и да ги истражувам кај други поети, но и да ги практикувам во пишувањето различни поетски облици. Во хаикуто или во лирските минијатури ме привлекува токму предизвикот со само неколку збора да се скицира или сугерира една слика, кај визуелната поезија – едновременото пишување и „цртање”, кај дијалогот со сликарите преку песната – можноста делата да ги видам и протолкувам од друг агол. Во последно време привлечно ми е поезијата и сликарството да комуницираат во самата книга, а таков дијало се случи во најновата книга „Часови без часовник” – секоја од 15 песни од сонетниот венец си доби свој визуелен пандан, па можеби тие слики ќе го направат читањето на стиховите побогато и понепредвидливо.

Трн: Вие сте еден од ретките уметници кој успешно ги спојува различни дисциплини: поезија, визуелна уметност и музика. Дали верувате дека ова мултидисциплинарно приближување на уметноста е тоа што ќе ја дефинира иднината на литературата, или пак сметате дека секоја дисциплина ќе се врати на своите корени и ќе ги развива своите специфики на начин што ќе овозможи длабочина во одделните области?
Владимир: Корените на сите уметности се преплетуваат и се проникнуваат. Ми се допаѓа сликата на уметностите како гранки од едно огромно дрво. Уште од своите ритуални почетоци, сите уметности се суштински поврзани. Тоа што денес го нарекуваме мултимедијалност или мултидисциплинарност постоело уште во предисторијата. Во антологискиот есеј „Раката на Мајсторот”, посветен на творечките тајни на Никола Мартиноски, Блаже Конески вели дека „поетот треба да биде начитан, музичарот наслушан, а сликарот нагледан”. Наполно се согласувам со оваа идеја, но би се надоврзал дека поетот треба да биде и начитан и наслушан и нагледан, а токму творештвото на Конески е најубав доказ: во неговата поезија има комуникација и со фрескосликарите и со современите сликари, но има и песни поврзани со танчерите и свирачите на Тешкото, или дијалог со везилката и со „една певица”. Како што во еден екосистем секој има своја улога, така е и во екосистемот на уметностите.

Трн: „Часови без часовник“ е дело кое носи чувство на нелинерарно време и метафизички размислувања. Како ја разбирате концепцијата на „вечност“ во контекст на поезија која ја истражува темата на времето? Дали „вечноста“ за Вас е нешто што се достигнува со создавањето на уметноста или е континуирана потрага која нема крај?
Владимир: И едното и другото. Творечкиот процес е еден вид допир на вечноста, бидејќи се создава нешто што има потенцијал да го надживее многукратно авторот. Сонетниот венец, меѓу другото се занимава со повеќезначноста на зборот „час” во македонскиот јазик: тоа не е само мерна единица за 60 минути туку и именка која означува време посветено на учење, а тоа не мора да биде временски омеѓено. Во овој сонетен венец секоја песна има и свое име поврзано со различни облици на такви часови во кои се излегува од линеарното време. Уште од своите почетоци во раната ренесанса, сонетот тематски се насочува кон темата на односот кон времето, минливоста и вечноста, а уште со првиот сонет почувствував дека нешто ме привлекува на мој начин да ја истражувам оваа вечна тема.

Трн: Како декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како ја гледате улогата на академската заедница во промовирањето на интердисциплинарниот пристап во уметноста и литературата и какви промени вие сакате да видите во академскиот свет?
Владимир: Темелите на знаењето се интердисциплинарни. Како што ниту една уметност не може да се затвори во своите „граници”, истото важи и за науките. Дисциплината со која се занимавам, компаративната книжевност, особено ги проучува многубројните интерференции меѓу книжевноста, другите уметности но и другите хуманистички науки и дисциплини. Особено се радувам кога кај студентите ја препознавам нивната љубопитност во однос на огромните истражувачки можности кои се отвораат токму благодарение на умножувањето на перспективите, кога еден феномен се набљудува низ визури на различни научни дисциплини.

Трн:Што би им порачале на младите уметници и поети кои сакаат да експериментираат со различни медиуми во своето творештво?
Владимир: Да не се двоумат и смело да се нурнат во таа авантура. Одамна е кажано дека „тој што не патувал, исто како да не живеел”. Интермедијалноста е, меѓу другото, и една голема игра. А кој не играл, исто како да не живеел.
Трн: Вашите дела често се обележани со истражување на длабоки постоечките прашања за животот и уметноста. Каква улога игра уметноста во денешниот свет? Што мислите за нејзината моќ да ги промени човечките перспективи и да влијае на општествените промени?
Владимир: Не би можел, а и не би сакал, да го замислам животот без уметност т.е. без сите можни форми, видови и безброј комбинации на уметнички изрази. Ако еден добар или лош збор може да ни го разубави, облагороди или да ни го уништи денот, секако дека секое значајно уметничко дело може да ни отвори нови видици, нови увиди, нови хоризонти. Уметноста им дава длабочина на нашите животи, а големите уметнички дела секогаш ни побудуваат потреба за преиспитување. Пред некој ден почина Љоса, кој во една прилика кажал дека книжевноста ни помага да го сфатиме животот. Кундера вели дека уметноста на романот е да ни поставува прашања и да ни покаже дека работите се далеку посложени од она што го гледаме на прва топка. Не би додал ништо повеќе, мислам дека и обајцата убаво кажуваат зошто ни е битна уметноста. Односно, би го додал сознанието на нашиот Конески, за кого поезијата е „порив, и за смисла не прашува”.

Трн: Како ја гледате врската помеѓу емоционалното и интелектуалното во уметноста? Дали постои потреба од рамнотежа или е можно едното да ја надмине другото?
Владимир: Како што човекот не ни само тело ни само душа, ни само интелект ни само емоции, така и уметноста има безброј видливи и невидливи состојки. Нема една единствена формула за нивна совршена „комбинација”. Секое ново уметничко дело е нова приказна.
Трн: Има ли нешто што уметноста може да пренесе на нашите поколенија, а што науката и другите сфери на животот не можат да го направат? Како ја гледате важноста на уметноста во модерното образование и личниот развој?
Владимир: Секако дека има, бидејќи уметноста тивко ни ја развива и ја надоградува емпатијата, чувството за другите, за нивните болки и страдања, надежи и копнежи, но и идеи, вредности и погледи кон животот. Ме плаши тоа што денес, во ерата на груба комерцијализација на сè и сешто, уметноста неретко луѓето ја сведуваат само на забава, на некаков додаток кој може, ама и не мора, да биде дел од нашите животи. Личниот развој на човекот е тесно поврзан со уметноста, така што мислам дека уметничкото образование треба да биде во рамнотежа со сите други области. Во време кога вештачката интелигенција навлегува во сите сфери и занимања, човековата креативност би требало да стане уште подрагоцена.

Трн: Се вели дека поезијата е врв на литературниот израз, бидејќи во неа се концентрира најчистата форма на јазикот, најдлабоките чувства и најинтензивните идеи. Како Ви се чини ова тврдење? Дали поезијата за Вас е највисоката форма на уметничко изразување и во кој контекст ја гледате нејзината моќ да ја пренесе вистината на човековото постоење?
Владимир: Поезијата ја сакам токму поради нејзиниот порив и обид кон кондензирање на изразот, на барање на суштественото и негово изразување преку јазикот, но на необични и игриви начини, барајќи од нас да го разбудиме и да го разиграме интуитивното во себе, како во пишувањето така и во читањето или толкувањето на стиховите. Но уметностите немаат само еден Монт Еверест. Секоја уметност има безброј пристапи, а со тоа и вредности. Секоја уметност има безброј врвови, а секој од нив е вреден бидејќи не подигнува над дневната инерција.
Фотограф: Надица Манева Ангеловски