Фотографијата, како уметност, секогаш носи личен печат на авторот. Тоа е медиум преку кој фотографот Владимир Арсовски, кој со гордост го носи звањето мајстор на фотографија, го изразува својот поглед кон светот, своите инспирации и емоции. Тој со децении ги лови убавите и ретки моменти во Македонија, но и насекаде во светот, а Скандинавијата му е непресушна инспирација. Тој е еден од четирите мајстори на фотографиј кај нас со искуство од 45 години, со бројни награди а особено драга му е поканата на ФИА да организира своја изложба во Словенија каде се претставил со колекцијата од чамци.
Трн: Од неодамна почна да снимаш и видеа, ти требаше нов предизвик или друго е во прашање?
Владимир: Во принцип, да. Сега новите апарати веќе пружаат можност за високо квалитетни видеа. Видеото како медиум е надградба на фотографијата. Основата на камерманот е фотографијата – кадарот, осветлувањето, позицијата на светлата. Само што тука мозокот треба да се помести од фиксна фотографија кон движечка фотографија.
Трн: Има разлика, поголема тежина има видеото?
Владимир: Многу е потешко, многу е покомплицирано и бара голема екипа. Сега ќе пробам да снимам некои видео секвенции сам во лендскејп амбиент. По своја волја ќе биде секако, меѓутоа без екипа. Ова со спотовите што се снимаа беше со светла, сценографија, статисти. Ова е сосема нешто друго – сам треба се да правам, и кадарот, и снимањето.
На што си најмногу горд од сите години работа?
Владимир: Во принцип, на сè. Сега, откако сум две години пензионер, имам повеќе време и почнав да ги вадам старите материјали. Гледам што сум снимал пред 15 години и сам од себе сум воодушевен. Имам четири комплет изложби кои што никогаш не се појавиле.
Трн: Како стар скопјанец, што најмногу те инспирира во Скопје?
Владимир: Скопје денес не ме инспирира воопшто. Воопшто не го фотографирам, особено после 2014 година. Причината лежи во тоа што градот го изгуби својот автентичен дух и енергија. Порано, Скопје беше полно со живот, со своја приказна. Луѓето, улиците, објектите – сето тоа имаше душа. Но, со проектот ‘Скопје 2014,’ сето тоа се промени. Градот е претрупан со објекти што немаат историска или културна вредност за нас. Тие го задушија она што го правеше Скопје уникатно и вистински мое.
Фотографијата бара да се чувствуваш поврзан со тоа што го сликаш. За жал, јас веќе не ја чувствувам таа врска со Скопје. Не значи дека нема интересни сцени или моменти што би можеле да се фотографираат, но за мене, вистинската инспирација е исчезната. Затоа, повеќе се фокусирам на природата и на теми кои навистина ме поттикнуваат да ја земам камерата в раце.
Трн: Дали постои некој кадар, нешто што цел живот си го замислувал, а не си успеал да го снимиш?
Владимир: Да. Имам една замислена сцена – алпинисти како се качуваат на смрзнати водопади со поларна светлина. Тоа е врв, но веројатно никогаш нема да го снимам бидејќи е екстремно тешко.
Трн: Како ја дефинираш фотографијата – уметност, професија, пасија или можеби нешто друго?
Владимир: За мене, фотографијата прво почна како пасија. Имаше дел кога беше професија, а сега повторно е пасија.
Трн: Од фотографија не се живее, затоа?
Владимир: Во споредба со другите земји, кај нас е мисловна именка да се заработи добро. Во Норвешка, на пример, фотографите заработуваат огромни суми од фотосесии. Кај нас тоа е многу поразлично, десетократно помалку.
Трн: Актовите се потешки за работа или пејзажите?
Владимир: Да, актот е многу тежок за работа. Прво, бара концепт. Второ, мора да има релација со моделот – искрен однос и опуштеност. И пејзажот и актот се најтешките теми за фотографска обработка бидејќи таму речиси сè е веќе снимено. Значи имам комплет 4 изложби што ги имам работено кои што не се појавени никогаш. На изложби негде се, клупски изложби, меѓутоа тоа е затворен круг меѓутоа во јавност – 2006 беше, кога направив изложба на акт фотографија. Едвај ја искомплетирав изложбата и таа беше доста успешна. Беа големи формати метар на метар мислам дека беше 2006 година во Мала Станица. И горд сум заради тоа што после тоа еден бизнисмен ги купи сите и си ги стави во канцеларија. Тоа беше, сите зли јазици после тоа завршија. После тоа 10 години снимав секое лето во Бугарија. Во Варна. бугарски фотографи организираа но на професионално ниво. Тие го викаат пленер на актова фотографија.
Трн: Таа изложба ќе биде организирана следнава година?
Владимир: Е тоа ќе видиме. Нешто немам желба да правам тука изложби. Последната голема изложба ја направив на покана на ФИА во Словенија во 2018 година. После изложбите во странство и третманот што се добива овде ко што гледам како е стварно не знам…не постои критика што ќе се појави. Порано Небојша Видиќ работеше, Златко Теодосиевски работеше нешто .. Сега нема ништо, за жал!
Трн: На која фотографија си особено горд?
Владимир: На Шишевски, на Матка. Таа фотогрфија ја бркав 4 години и 9 пати се качував нагоре. Тоа е мастерпис, нешто што со зборови не може да се опише. Тајмлапсот од Шишевски сега што излезе е исто многу квалитетно, за тоа како си играм со маглата и како излегува манастирот од маглата. Ама за добра фотографија вреди да се чека и 4 години. Аурорите исто. Првите аурори морав да ги снимам од брод што се движи, што се клати. Исто оваа професија си носи големи ризици, во Финска морав да газам по еден мост нестабилен што само не се срушил, под мене река замрзната минус 27 беше, така што Аурорите би кажал дека ми се недовршена приказна, не сум искажан до крај.
Трн: Опасност или ризик каде имало?
Владимир: Горна Матка, при снимањето адреналинот работи и правиме работи што не би ги направиле инаку. Горна Матка, за да снимам една сцена, од црквата Света недела, Шишевски се гледа меѓу два шпица, таква е сцената, и почнав да одам десно десно, и одеднаш гледам дека на карпата сум, ама прстите ми висат, а тоа е горе џенем. Ама не бев врзан, ништо ни со јажиња. И второто во Финска на мовчето на минус 27. Реката е граница меѓу Финска и Сибир. На мовчево како одам, почнува да крцка да крцка,и оттаму е снимена аурората
Трн: Како бираш дали ќе биде црно-бело или колор?
Владимир: Па мотивот, ако е доволно колоритен, може да остане и колор. Зимата е сива, на пример и плус црно белата фотографија ја прави поголема мистиката, спрема некои аналаизи кои ги читав, мозокот сам ја генерира бојата од црно белата фотографија. И искуството од толку снимање ми наметнува брзо да донесувам заклучоци.
Трн: Развојот на технологијата колку ти го промени начинот на работа?
Владимир: Ми го олесни затоа што mirrorlens апаратите станаа малку полесни за нијанса, сега тоа полесни подразбира и малку полесни објективи, и со тоа тежината на ранецот се намалува
Второ, аутофокусот се веќе унапредени и како ми слабее видот, ми ја олеснува работата.
Софтвери за процесирање, алатките кои ги носи новото време не ги прифаќам воопшто.
Интервенцијата кај мене во фотографија е дозволена на минимално ниво. Ние имаме среќа што сме работеле хемиска фотографија во лабараторија и тоа што сум можел таму да го направам, собирање на контрастни материјали и слично, тоа го практикувам и сега со фотошопот, значи убацување орнаменти и елементи како пола месечина од една фотка на друга е смрт. Постпородукација од аспект на дизајн ама минимално.