„Владееше состојба на терор“ – сведоштво на здравствен работник од Судан за масакрот во Ел-Фашер

Абду-Рабу Ахмед, лабораториски техничар кој работел во Саудиската болница во суданскиот град Ел-Фашер, раскажа за BBC како успеал да избега непосредно пред наводниот масакр што го извршиле паравоените сили на Rapid Support Forces (RSF), при што, според локални извештаи, биле убиени најмалку 460 пациенти и нивни роднини.

„Ги изгубив колегите, луѓето што секој ден ги гледав насмеани. Како да изгубив дел од себе,“ изјави Ахмед, кој сега живее во камп за раселени лица, околу 70 километри западно од Ел-Фашер.

Масакр во последната активна болница

Градот Ел-Фашер, последното упориште на суданската армија во северен Дарфур, беше заземен од RSF во последната недела од октомври, по 18 месеци опсада. Болницата „Сауди“ била последното медицинско прибежиште за стотици цивили и војници.

Светската здравствена организација (СЗО) го осуди настанот, велејќи дека е „длабоко шокирана“ од убиствата и киднапирањата на шест здравствени работници – четворица лекари, медицинска сестра и фармацевт.

RSF ги негира обвинувањата, тврдејќи дека болницата била напуштена и дека снимките на кои се гледаат тела и траги од крв се „дезинформација“. Но, сателитските снимки анализирани од Универзитетот Јеил покажуваат групи бели предмети во дворот на болницата кои подоцна се забележани изгорени – што укажува на можни масовни гробници.

„Луѓето умираа пред нас, немаше кој да ги спаси“

Ахмед вели дека наутро околу шест часот започнало гранатирањето. „Сите – и цивили и војници – трчаа кон југ. Имаше состојба на терор. Дронови и артилерија удираа од сите страни. Гледав луѓе како умираат на лице место,“ изјави тој.

Неколкумина од медицинскиот персонал успеале да избегаат до Таўила, но многумина биле уапсени во околните села. „Подоцна дознав дека некои од нив биле егзекутирани,“ рече Ахмед, додавајќи дека изгубил сестра и двајца браќа, а родителите му се исчезнати.

Сведоштва за злосторства и киднапирања

Други преживеани, како пациентот Мохамед Абду-Теја, сведочат дека RSF ги апселе мажите кои изгледале „способни за борба“. Некои биле земани во непозната насока, други оставени да умираат на патот.

Петнаесетгодишната Еман, која пристигнала во бегалски камп сама, раскажа дека нејзиниот татко бил убиен во напад со дрон, а мајката и братот заробени. „Тие што не беа убиени, ги прегазија со возила. Го тепаа брат ми, ја задавија мајка ми со синџир. Ми рече: ‘Бегај, јас ќе дојдам подоцна’. Ги оставив таму,“ рече девојчето.

Слични приказни даваат и други жени и деца, опишувајќи силувања, киднапирања и убиства.

Докази за масовни убиства

Снимки што ги верификува BBC Verify покажуваат тела во зграда што била користена како проширување на болницата. Се гледа и паравојник како пука во човек кој сè уште е жив.

Доктор Мохамед Елшеик од мрежата Sudan Doctors Network вели дека RSF барале откуп за ослободување на киднапираните здравствени работници. Еден од нив бил пуштен по плаќање 30.000 долари, другиот бил егзекутиран.

„Никогаш нема да се вратам во Ел-Фашер“

Ахмед денес живее во привремен шатор во Таўила. „Немам никаква надеж да се вратам. После сè што видов, секоја мисла за враќање исчезна,“ вели тој.

Граѓанската војна во Судан, која започна во април 2023 година, веќе однесе десетици илјади животи, а милиони луѓе се раселени.
Ел-Фашер – еден од последните градови што падна под контрола на RSF – сега е симбол на ужасот и човечкото страдање во земја без милост.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни