Израелските медиуми јавуваат дека речиси сите членови на коалицијата го бојкотирале гласањето, што и се очекуваше, бидејќи десничарските партнери на премиерот Бенјамин Нетанјаху жестоко се противат на предложениот план.
Иако иницијативата што ја поднесе опозицискиот лидер Јаир Лапид нема практична тежина, претставува политичка непријатност за Нетанјаху. Премиерот формално се согласил со мировниот план за завршување на војната во Газа, а првата фаза од договорот веќе е во тек. Лапид во парламентот изјави дека е „изненаден и разочаран“ од отсуството на Нетанјаху.
Весникот Haaretz го цитираше опозицискиот арапски пратеник Мансур Абас, кој праша: „Што ќе му каже Нетанјаху на претседателот (Доналд Трамп) кога за две недели ќе се сретне со него? сугерирајќи дека бојкотот испраќа проблематичен сигнал кон Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави мировниот план во септември и, според последните информации, го поканил Нетанјаху на посета на Белата куќа во блиска иднина. Некои членови на израелската коалиција биле вознемирени од дел од планот во кој се споменуваат предуслови „за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и државност“.
Нетанјаху и неговата влада категорично ја отфрлаат можноста за создавање палестинска држава, тврдејќи дека такво решение би го загрозило постоењето на Израел.
Извор: Index.hr
