Владејачката коалиција предводена од премиерката Такаичи оствари убедлива победа на изборите во Јапонија

Владејачката коалиција предводена од премиерката Санае Такаичи оствари убедлива победа на вонредните парламентарни избори во Јапонија.

Во Јапонија се одржаа вонредни избори за Долниот дом на парламентот, на кои новоизбраната премиерка и лидерка на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), Санае Такаичи, побара од граѓаните јасен мандат и легитимитет за спроведување на политиките на новата влада.

Такаичи беше избрана за премиерка во октомври минатата година со гласање во парламентот, а денешните избори беа нејзин прв директен тест пред гласачите откако ја презеде функцијата.

Според излезните анкети, ЛДП ќе освои апсолутно мнозинство, односно меѓу 274 и 328 пратенички места, а во коалиција со својот партнер – Партијата за обнова на Јапонија – може да достигне и до 350 места во Долниот дом, кој брои вкупно 465 пратеници.

Иако убедливата победа на владејачката коалиција беше очекувана, резултатот е далеку подобар од прогнозите, па дури и од очекувањата на самите стратези на ЛДП, пренесува јавниот сервис NHK.

Гласањето се одвиваше на околу 4.400 избирачки места, но поради обилните снежни врнежи излезноста беше ниска – два часа пред затворањето на гласачките места таа изнесуваше само 26 отсто.

Висока популарност и политички ризици

По преземањето на функцијата, Такаичи ја раскина долгогодишната коалиција со центристичката партија Комеито и формираше нов сојуз со десничарската Партија за обнова, со што го запре одливот на гласови кон порадикалните десничарски партии.

Во јануари таа го распушти парламентот и распиша избори, обидувајќи се да ја искористи својата исклучително висока лична популарност од околу 75 отсто, како и растот на поддршката за ЛДП во првите месеци од нејзиното владеење.

Такаичи доби широка поддршка поради остриот став кон притисоците од Пекинг, балансираниот однос со Соединетите Американски Држави и особено поради најавените мерки за ограничување на имиграцијата, вклучувајќи построги визи и покрути услови за добивање статус на постојан престој.

Економија, инфлација и контроверзии

И покрај тоа, експертите укажуваат дека Такаичи сè уште не понудила ефикасно решение за инфлацијата, а во изминатите месеци направила и низа контроверзни економски потези. Меѓу нив е вбризгувањето дополнителни 140 милијарди долари во економијата, што дополнително ја зголеми инфлацијата, го ослабе јенот и ги покачи каматите на државните обврзници.

Нејзините изјави за можноста за укинување на ДДВ на храната, како и оценката дека слабата домашна валута ѝ одговара на државата, предизвикаа турбуленции на финансиските пазари и загриженост за дополнително задолжување на земјата.

Тајван, Кина и националната безбедност

Контроверзии предизвика и нејзината изјава дека евентуална воена интервенција на Кина во Тајван би можела да се смета за „ситуација критична за опстанокот“ на Јапонија – формулација која во јапонската воена доктрина може да значи оправдување за ангажман на армијата во странство.

По таа изјава, Јапонија се соочи со економски последици, вклучувајќи туристички и транспортни бојкоти и ограничувања за извоз на кинески ретки метали. Сепак, одбивањето на Такаичи да ја повлече својата изјава дополнително ја зацврсти нејзината слика како решителна лидерка што се спротивставува на странски притисоци.

Историски момент

Санае Такаичи е првата жена премиер во историјата на Јапонија, што ѝ донесе дополнителна поддршка и симпатии кај гласачите. Нејзиниот десничарски профил, во период на засилена имиграција и економска неизвесност, очигледно одговара на расположението на јапонското гласачко тело, кое повторно се определи за ЛДП – партија што речиси континуирано е на власт од 1955 година.

Извор: РТС

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни