Владата на Србија подготвува измени на Законот за високо образование и веќе е повеќе од јасно дека тоа е начин властите да ја преземат контролата врз универзитетите. Иако засега не се објавени конкретни предлози, академската заедница веќе стравува од некои решенија. И додека јавноста верува дека законот претставува одмазда поради бунтот на универзитетите, професорот од Филозофскиот факултет, Огнен Радоњиќ, истакнува дека станува збор за резултат на години уништување на универзитетот – и сега ситуацијата е „или-или“.
„Од нас ќе зависи во кој правец ќе се движиме и дали, како ФОН, Економскиот и други факултети на други универзитети, ќе им го свртиме грбот на нашите студенти“, порача Радоњиќ.
Еден од првите потези на новиот министер за образование, Дејан Вук Станковиќ, беше формирање Работна група за измени на Законот за високо образование. Во неа го именуваше и ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, без претходно да го информира. Според информации на Nova.rs, работната група требаше да заседава вчера, но состанокот бил откажан.
Ваучери за студирање и странски факултети
Иако универзитетите не се официјално информирани за сите идеи, меѓу професорите веќе кружат гласини. Една од клучните промени што се најавува е воведување на државни ваучери што студентите би ги користеле за студирање – на приватен или државен факултет. Дополнително, се разгледува можноста странски универзитети да работат и издаваат дипломи во Србија без акредитација од Националното тело за акредитација.
Ако државата почне да ги субвенционира овие странски институции, без акредитација, тоа би било удар врз државните универзитети – токму оние што беа во сржта на студентските протести.
Според плановите, Министерството за образование би имало зголемено влијание во изборот на управите на универзитетите, па дури и можност министерот да именува декани или да овласти други за тоа. Се разгледува и централизирање на финансирањето, со цел државата да ја држи секоја институција „во рака“.
Се спомнува и идејата за „интегриран универзитет“, но засега не е јасно што точно значи тоа. Професорката Зорана Лужанин од Природно-математичкиот факултет во Нови Сад вели дека укинувањето на правниот статус на факултетите во рамки на големите универзитети би било штетно и тешко изводливо. Според неа, финансиската поддршка е клучно прашање што не може да се решава преку едноставни механизми како ваучери, а дозволување странски факултети без акредитација би значело крај за квалитетното високо образование.
Постепено одземање на автономијата
Професорот Радоњиќ предупредува дека ова е долго планирана акција, а не реакција на неодамнешни настани. Тој потсетува дека во 2018 година, донесена е одлука да се озаконат спорни докторски дипломи од приватни факултети. Во 2021, со законските измени се воведе услов благослов од Синодот на СПЦ за вработување на Православниот богословски факултет. Во 2024, легализирани се основни дипломи од неакредитирани студии.
Контрола преку софтвер и финансии
Преку новиот централен софтвер ИСКРА, од јули 2025 година, факултетите ќе ја изгубат контролата над сопствените средства и јавните набавки. Според Радоњиќ, целта е „финансиско уништување на државните универзитети и поставување партиски комесари на местата на ректори и декани“ со цел елиминација на критичката мисла.
„СПЦ понуди релативно успешен модел, а ова е варијанта на копи-пејст. Но, така е кога премногу долго молчиме“, заклучува Радоњиќ.