Скратени парите за превентивните тестирања за ХИВ, во кои се опфатени и ранливи и маргинализирани групи на граѓани


Во Програмата за заштита на населението од ХИВ за тековната година пишува дека приоритети кои треба да се реализираат се: одржување ниска преваленца на ХИВ во земјава, и тоа преку универзален пристап до превенција, третман, грижа и поддршка, базиран на почитување на човековите права и недискриминација. За реализирање на овие мерки наменети за борбата против ХИВ, во Програмата за 2024 година, од буџетот беа одвоени сто милиони денари.

Тринаесет граѓански организации и Црвениот крст на Македонија, како дел од Платлформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ, тврдат дека имаат информации дека буџетот за програмата за ХИВ за 2025 е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, а тие бараат 131 милион денари. Според нив, со ваквата одлука, Владата ги стопира превентивните тестирања во кои се опфатени и ранливи и маргинализирани групи на граѓани.

Во писмото испратено до министерот за здравство Арбен Таравари, министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска и на премиерот Христијан Мицкоски, меѓу другото навеле дека за успешно превенирање со ХИВ болеста потребни се повеќе средства.

„Исклучително сме загрижени што, според нашите информации, буџетот за програмата за ХИВ за 2025 е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, што нема да бидат доволни ниту за обезбедување животоспасувачка терапија, а во однос на мерките за превенција, тоа ќе значи целосно нивно затворање. Огромни се загриженоста и вознемиреноста кај пациентите од тоа постојано стравување дали навреме ќе има терапија и дали ќе се случи прекин на терапијата. Што, секако, тоа не смее да се дозволи, мора да се избегне по секоја цена, бидејќи може да значи драстично влошување на нивната здравствена состојба, а исто така може да значи и појава на отпорен, резистентен вирус, што понатаму ќе бара многу поголеми трошоци за третирање и исто така, ќе значи ризик од раширување на епидемијата“, рече извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, организација на пациентите со ХИВ, Андреј Сених.

Секоја година во земјава со ХИВ заболуваат 46 лица, а во моментот околу 400 се на терапија

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни