Владата на Конго ги продава прашумите: Загрозени се 39 милиони луѓе и уникатна биодиверзитетна зона

Владата на ДР Конго распишува концесии за нафта и гас во заштитени прашумски области, загрозувајќи 39 милиони луѓе и некои од највредните екосистеми на планетата. Активисти повикуваат на итно стопирање.

Владата на Демократската Република Конго објави тендер за доделување на 52 концесиски блока за истражување и дупчење на нафта и гас, со што повеќе од половина од територијата би можела да се отвори за експлоатација на фосилни горива. Се работи за региони што опфаќаат 124 милиони хектари копно и внатрешни води, вклучувајќи и некои од највредните живеалишта на диви животни на планетата, пишува The Guardian.

„Најлошото место за дупчење на нафта во Конго“

Научници и активисти предупредуваат дека ова е „најлошото место во светот за барање нафта“. Понудените терени вклучуваат густи прашумски предели, тресетишта и мочуришта што складираат огромни количини јаглерод и се дом на загрозени видови како низинските горили, бонобо мајмуни и ретки птици. И покрај тоа, владата на ДРК повторно ги нуди овие области, откако претходниот тендер во 2022 година беше откажан поради слаб интерес.

„Најлошото место за нафтено дупчење е повторно на аукција“, изјави професорот Сајмон Луис од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој го водел првиот тим што ги мапирал централните мочуришта во Конго. „Ниту една сериозна компанија не треба да инвестира во дупчење во шумите и мочуриштата на ДРК – веројатно нема доволно нафта за комерцијална експлоатација, а трошоците би биле огромни – финансиски, социјални и еколошки“, додаде тој.

Според извештајот на Earth Insight, дури 64% од територијата опфатена со тендерот е покриена со недопрени тропски шуми. Иронично, овој план е во директен судир со веќе најавениот проект „Зелен коридор Киву-Киншаса“ – еколошка иницијатива со која владата вети заштита на природата. Според истото извештај, 72% од планираниот коридор се преклопува со подрачја предвидени за нафтени концесии.

Централниот тресет – Cuvette Centrale – најголемото тропско мочуриште во светот, исто така би можело да се отвори за дупчење. Оваа област со големина на Непал складира околу 30 милијарди тони јаглерод и е дом на низински горили, шумски слонови, шимпанза и ендемични видови птици.

Притисок поради недостиг на меѓународно финансирање во Конго

Меѓународната заедница претходно потпиша десетгодишен договор вреден 500 милиони долари со ДРК во рамки на Иницијативата за Централноафриканските шуми (Cafi), но досега се исплатени само 150 милиони. Ова, според извори, е една од причините зошто владата сега бара алтернативни извори на приход преку експлоатација на нафта и гас.

Еден извор ја опиша ситуацијата како „колективен неуспех“, потенцирајќи дека отсуството на финансиски поттик за заштита на шумите ја турка земјата кон експлоатација.

Загрозени се 39 милиони луѓе

Покрај еколошките, предложените концесии може да имаат и сериозни социјални последици. Според проценки, околу 39 милиони луѓе живеат во засегнатите области, вклучувајќи и бројни автохтони заедници кои зависат од шумите и реките за преживување.

„Замислете: 39 милиони жители на Конго… и 64% од нашите шуми може директно да бидат погодени од доделувањето на овие блокови“, изјави Паскал Миринди од организацијата Notre Terre Sans Pétrole. „И сето тоа додека владата го промовира еколошкиот коридор Киву-Киншаса. Каде е тука логиката? Каде е доследноста? Им потсетуваме на нашите лидери дека народот на ДРК е вистинскиот носител на суверенитетот. Нема да молчиме додека некои се подготвуваат да ја продадат нашата иднина“, порача Миринди.

Извештајот повикува владата и меѓународните партнери да го откажат тендерот за 2025 година и да се фокусираат на развојни модели што ги почитуваат правата на локалните заедници и го штитат животната средина. „Развојот на нафта и гас во овие чувствителни екосистеми би имал разорни последици за биолошката разновидност, заедниците, правото на сопственост и глобалната борба против климатските промени“, изјави Ана Бебингтон од Earth Insight.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни