Владата на Бугарија попушти по масовните протести против спорниот државен Буџет за 2026 година и истиот го повлече од процедура.
Централниот протест во Софија, одржан во средата, според проценките привлече околу 20.000 луѓе. Демонстрантите формираа жив ѕид околу парламентот, се обидоа да ги блокираат возилата на пратениците, а дел од нив фрлаа шишиња и петарди кон полицијата, при што биле повредени најмалку тројца полицајци. Главната порака беше јасна: владата да се откаже од буџетот кој предвидува зголемување на придонесите за социјално осигурување и дуплирање на данокот на дивиденда.
По ноќта исполнета со демонстрации и судири, коалицискиот Совет за заедничко управување објави дека нацрт-буџетот за 2026 година се повлекува. Премиерот Росен Желјазков оцени дека протестите се „јасен сигнал“ оти интересите на државата и општеството мора да бидат пред партиските калкулации и најави нов обид за дијалог со работодавачите и синдикатите, кои претходно ги бојкотираа дел од средбите со власта.
Спорниот документ предвидуваше рекордна државна потрошувачка од речиси 46 проценти од БДП, финансирана преку повисоки даноци за компаниите и работниците и значително зголемување на јавниот долг. Власта тврдеше дека без овие мерки Бугарија тешко ќе ги исполни критериумите за дефицит и стабилност во пресрет на воведувањето на еврото на 1 јануари 2026 година. Но економисти, бизнис-организации и дел од опозицијата предупредуваа дека ваквиот пакет ќе го загуши растот, ќе ја прошири сивата економија и ќе ги зголеми ценовните притисоци врз домаќинствата.V
